Büşra Selvi Öğütcen
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) – Едно истражување на научниците покажа дека во многу земји, до 2030. година животниот век на жените ќе достигне 90 години, а дека најкраток век би можеле да доживеат жените во Македонија, во просек 78. години и мажите во Србија, со просек од 73 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето што го направија научици од Кралскиот колеџ во Лондон и Светската здравствена организација (СЗО), а објавено е на веб-сајтот на весникот „Лансет“, опфаќа анализа на податоци за смртноста и животниот век во 35 индустријализирани земји.
Научниците сметаат дека животниот век на жените би требало да биде подолг од векот на мажите.
Тие сметаат дека просечната старост на жените во Јужна Кореја би можела да биде поголема од 90 години, а потоа следуваат Франција, Јапонија, Шпанија и Швајцарија, со просечна старост од 88 години.
Во просек, мажите во Јужна Кореја ќе живеат 84 години, а речиси исто толку ќе живеат мажите во Австралија, Швајцарија, Канада и во Холандија.
Истражувањето покажува дека најкраток век на живеење би можеле да имаат жените во Македонија, во просек 78 години, а мажите во Србија со просек од 73 години.
САД заостануваат зад развиените земји, па не се очекува значително продолжување на животниот век. Се очекува жените и мажите во таа земја да живеат меѓу 80 и 83 години.
Мајид Езати од Кралскиот колеџ во Лондон изјави дека некогаш се сметало за многу тешко животниот век во просек да биде подолг од 90 години, но тоа веќе не е невозможно благодарение на напредокот на медицината и развојот на општествените програми.