Furkan Abdula
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека проширувањето на Европската Унија (ЕУ) во суштина е безбедносна политика и дека застојот во овој процес остава дополнителна нестабилност за регионот бидејќи создава простор за злонамерно влијание на трети земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ковачевски учествува на Состанокот на шефовите на влади на земјите од Југоисточна Европа членки на НАТО, што денеска се одржува во бугарскиот главен град Софија, по што Ковачевски, премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ; премиерот на Романија, Николае Чука; и премиерот на Бугарија, Кирил Петков како домаќин на Состанокот на шефовите на влади на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа, одржаа прес-конференција по работниот дел на нивната средба во Софија, се наведува во владиното соопштение.
Бугарскиот премиер Петков информираше за заклучоците од состанокот меѓу кои ги издвои согласноста на премиерите за важноста на овие координации и на регионално ниво имајќи ги во фокусот ризиците од војната во Украина, при што вниманието на средбата било посветено на соработката за справување со бегалската криза, на кризата во снабдувањето со енергенси и со основните стратешки прехранбени производи кои се посебно значајни и како логистика на мобилноста на воените капацитети.
Премиерот на Северна Македонија, Ковачевски, упати благодарност за организирањето на овој важен состанок што доаѓа само неколку дена по вонредниот Самит на НАТО во Брисел.
„Денес како сојузници пративме уште една силна порака на поддршка и солидарност со Украина, но и за идна координација и зголемена комуникација помеѓу овие четири држави во регионот“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека овој состанок е нивен регионален придонес за посилна отпорност и координација во врска со потенцијалните ризици и закани од последиците на војната, како и за безбедносната и хуманитарна криза во Украина.
„Оваа војна во Украина создаде нова реалност во сите сфери на нашиот живот, а особено во поглед на координирањето на сите напори во производството на храна и синџирите на набавка, како и нивната стабилизација, испораката и производството на енергија, како и во полето на одбрана и воена координација. Уште еднаш ја осудивме воената агресија на Русија против Украина“, додаде тој.
Ковачевски нагласи дека како премиер на Северна Македонија сака да истакне дека го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Според него, сега одговорноста е да се соочат со новата стратешка реалност во европската и трансатлантската безбедност.
„Сојузниците решително одговорија на овој воен конфликт и исто така сите земји дадоа своја поддршка, не само на украинскиот народ којшто е во Украина, туку и на украинскиот народ кој побегна од својата земја и којшто наеднаш стана бегалци. Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и земјите на НАТО. Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина е безбедносна политика и дека застојот во овој процес остава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание на трети земји“, рече Ковачевски.
Според него, оддолжувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ.
„Сепак дури и со вакви предизвици Северна Македонија останува силно посветена на одржувањето добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион. Наша обврска е да останеме фокусирани на промовирање на тие вредности и принципи“, рече тој.
„Во текот на нашето претседателство со ОБСЕ во 2023 година ќе настојувам да го искористиме потенцијалот и на другите регионални иницијативи за подобро поврзување, разбирање и меѓусебна координација“, додаде Ковачевски.