ПРИШТИНА (АА) - Косово, најмладата држава во Европа, денес ја одбележува 13-годишнината од независноста, пишува Агенција Анадолија (АА).
Пред 13 години, на 17 февруари 2008 година Собранието на Косово прогласи независност на Косово во соработка и партнерство со Соединетите Американски Држави (САД) и водечките земји на Европската Унија (ЕУ).
Иако е многу направено, Косово уште го чека голема работа за јакнење на државноста, посебно на меѓународната сцена.
Официјалната косовска власт тврди дека независноста на Косово досега ја признале 116 држави, меѓу кои и најсилните држави во светот како САД, Германија, Велика Британија, Франција, Турција, Јапонија, Канада и други.
Во Србија, која фактички го загуби Косово по војната во 1999 година до која дојде поради дискриминацијата и етничкото чистење на албанското население, истакнуваат дека бројот на држави што го признале Косово е за 10 помал од бројот што го кажуваат официјалните косовски власти.
Од 28-те земји членки на ЕУ, пет уште не го признале Косово. Тоа се Шпанија, Романија, Словачка, Кипар и Грција, додека во регионот покрај Србија, Косово не го призна ниту Босна и Херцеговина.
Косово не го признаа постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Русија и Кина, кои имаат право на вето, односно можат да го спречат приемот на Косово во ОН.
- Со признавањето од Израел прекината паузата од три години -
Последното признавање, што дојде по три години застој во признавањата, е признавањето од државата Израел, што го излобира поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Признавањето од страна на Израел е дел од Вашингтонскиот договор, што на 4 септември 2020 година го потпишаа Косово и Србија со Соединетите Американски Држави (САД).
Со Вашингтонскиот договор, Србија се обврза дека на една година ќе го прекине своето лобирање за непризнавање на косовската независност, додека Косово се согласи во истиот период да не аплицира за членство во меѓународните организации.
Во текот на минатата година Косово се врати и на преговарачката маса во дијалогот со Србија, со посредство на ЕУ, по застојот од 20 месеци поради таксите што ги воведе Владата на Косово за увозот на стока од Србија.
Во дијалогот во Брисел, меѓутоа, не е забележан поголем напредок. Србија инсистира Косово да го спроведе договорот за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство потпишан во 2013 година, додека Косово бара пред формирање на Заедницата, да се постигне сеопфатен правно-обврзувачки конечен договор помеѓу Косово и Србија, кој подразбира и двострано признавање на двете земји.
Во дијалогот веќе ја нема до неодамна водечката личност од Косово, претседателот Хаши Тачи. Тачи на 5 ноември 2020 година поднесе оставка поради потврдувањето на обвинението од страна на Специјализираните совети на Косово во Хаг. Со тоа обвинение, Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, како високи челници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се обвинети за воени злосторства во текот на последната војна во Косово.
- Продолжување на дијалогот со Србија -
Косово минатата година во дијалогот го претставуваше премиерот на Косово, Авдула Хоти, кој заедно со неговата Влада беше соборен пред два месеца со одлуката на Уставниот суд на Косово. Со таа одлука изборот на Владата на Хоти е прогласен за неуставен поради неуставниот одлучувачки глас за изборот на Влада на пратеникот Етем Арифи, кој правосилно беше осуден на 1,3 години затвор.
Уставниот суд нареди одржување на предвремени парламентарни избори, што се одржаа пред три дена, на 14 февруари.
На изборите, кои протекоа регуларно и во демократски дух, косовските институции и граѓаните ја покажаа својата зрелост. Истовремено граѓаните на изборите гласаа за промена на досегашната власт и речиси референдумски гласаа за Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти.
Убедливата победа на Движењето „Самоопределување“ со околу 48 отсто од освоените гласови се толкува и како казнување на Демократскиот сојуз на Косово, кој минатата година гласаше за рушење на Владата на премиерот Албин Курти иако беше коалициски партнер.
Главната разлика меѓу коалициските партнери беше различното гледиште за односот кон дијалогот и администрацијата на американскиот претседател Трамп.
САД во меѓувреме го добија новиот претседател Џо Бајден, а на чело на косовската Влада повторно ќе дојде Албин Курти. Се очекува дека заминувањето на Трамп и неговиот претставник за дијалогот, Ричард Гренел, ќе ги промени на подобро односите на САД со Косово.
Иако Курти за време на својата кампања истакнуваше дека дијалогот со Србија не е негов приоритет, се очекува дека дијалогот сепак ќе биде продолжен бидејќи меѓународната заедница ќе инсистира на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Сепак, веќе никој не споменува никакви временски рамки за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија, иако пораката на новиот американски претседател е дека треба да дојде до заемно признавање.
Конечниот договор со Србија би можел да му отвори на Косово многу врати, а пред сè пат кон зачленување во НАТО и ЕУ, што претставува главен стремеж на државата Косово и неговиот народ.
- На внатрешен план има уште многу работа -
Косово по 13 години од прогласувањето независност е зачленето во многу меѓународни и регионални организации и иницијативи, како Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и многу други.
Од друга страна, Косово на внатрешен план го очекува многу работа на економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
За развој на економијата е потребно да привлече странски инвеститори. Инвеститорите бараат политичка стабилност и правна држава и затоа е потребно да се унапреди работата на правосудството и да се искорени големата корупција.
Во годините на независност не се постигна многу ни во образованието, така што тоа е и област во која се потребни промени од корен за да се зајакне државата и да се спречи заминувањето на младите надвор од земјата.
Дека во младите треба да се вложува, добар пример се косовските спортисти кои го однесоа името на Косово во светот, а неодамна им се придружија и уметниците, кои со филмот „Кошница“ освоија три главни награди на престижниот американски Филмски фестивал „Санденс“.