Zülfiya Yakup
15 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Косово денес е домаќин на 15 состанок на Министерскиот совет за енергетска заедница, на кој се собрани министрите задолжени за енергија од девет договорни страни со Европската Унија: Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, говореше на отворањето на состанокот со кој претседаваше косовскиот министер за економски развој, Валдрин Лука, и претставникот на Европската комисија, Кристофер Џонс.
Тој истакна дека Владата на Косово е посветена на развој на политики за интеграција во регионалниот пазар на електрична енергија. Премиерот рече дека владата максимално се ангажира на усогласувањето на законодавството со директивите на Европската Унија, но дека ѝ е потребна помош од Европската комисија.
„Сегашните предизвици со кои се соочува Косово се ограничувањата во управувањето со енергетските текови на регионалниот пазар и неуспехот да функционира 400-километарската линија на Косово и Албанија и мора да најдеме решение, со придонесот на сите нас заедно. Верувам дека за ова ќе ја добиеме поддршката од сите“, рече Харадинај.
Тој, исто така, говореше и за вчерашниот договор за изградба на термоцентралата „Ново Косово“ со американската компанија „Контур Глобал“ во вредност од 1,3 милијарди евра, чиј бруто производствен капацитет ќе изнесува 500 мегавати електрична енергија. Тој рече дека изградбата на електраната ќе започне следната година и дека овој проект ќе обезбеди енергетска стабилност во Косово.
Истовремено, Кристофер Џонс, заменик на генералниот директор на Европската комисија, истакна дека Европската Унија ја промовира ниската емисија на јаглерод и одржлива енергетска економија. Тој рече дека Енергетската заедница е основана пред повеќе од 10 години и дека во последната деценија имала одговорност и можност да се придвижи напред во справувањето со климатските промени и трансформацијата на глобалниот енергетски сектор.
Џонс, исто така, истакна дека ЕУ работи на пронаоѓање нови можности во глобалниот енергетски транзициски период, кој според неговите зборови е поврзан со економскиот развој, големите инвестиции во енергетскиот сектор и создавањето нови работни места.
Косово на крајот на состанокот, претседавањето со Министерскиот совет за енергетска заедница ќе го предаде на Македонија.