ПРИЗРЕН (АА) - Повеќе од 500 државјани на Албанија кои во Косово дојдоа по разорниот земјотрес кој во вторник, на 26 ноември, го погоди Драч, сместени се во Паркот за иновации и обука во Призрен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Десетици семејства, односно 121 лице се сместени во спортската сала на призренската гимназија, додека некои пронајдоа сместување во хотели и во приватни домови.
Со одлуката на Владата на Косово, германско-косовскиот Парк за иновации и обука во петокот е отворен за сместување на луѓе кои дошле од подрачјата погодени од земјотрес и веднаш е понуден капацитет за повеќе од 500 луѓе. Преостанатите семејства се сместени во спортска сала на гимназијата „Ѓон Бузуку" во Призрен.

Тие семејства во Косово стигнаа во среда и престојуваа најпрвин во регионот на Приштина и Митровица во приватна куќа, а во петок се надеваа на сместување во Иновацискиот камп, но капацитетот брзо се пополни. Призренските волонтери потоа во петокот вечерта во координација со Општина Призрен ги сместија во спортска сала.
Некои од овие граѓани сега велат дека се одделени од членовите на семејствата кои влегле во кампот претходно и сакаат да им се придружат.
Бесјана Роци од Драч, мајка на две машки деца, заедно со своето пошироко 14 члено семејство, вели дека веќе два дена донаторите и волонтерите им носат храна и некои потребни работи за децата.
„Дај Боже државите да се здружат и да нѐ однесат на подобро место, посигурно од ова. Секој нека има своја соба за да ни биде поудобно. Најпрвин, му благодарам на Бога што сме спасени", вели Роци за АА.
Таа како минимм бара спојување на семејството со другите роднини, кои претходно се сместени во Иновацискиот парк оддалечен околу два километри од спортска сала.
Пензионерката Селвије Насуфи, која има здравствени проблеми, вели дека во петокот чекала неколку часа за да се смести во камп. Во разговор за АА вели дека проблем во спортската сала е непостоењето на купатило,а недостасуваат и кревети и веќе две вечери спијат на под.
„Останавме таму цел ден, колената ми се вкочија. Врнеше дожд. Господе, што поминавме да дојдеме и плачевме бидејќи страдавме и страдаме. Барем да нѐ однесат на посигурно место. Немам што да кажам. Што повеќе можам да речам? Ние сме на улица. немаме сигурност. Тука има деца, семејства...", вели Насуфи, која, како што раскажа била вчера во брза помош поради проблеми со срцето, а за кои вели дека се последица од стрес.
Артан Хоџан, жител на Призрен, кој доброволно ѝ помагаше на оваа група да дојде до спортска сала, вели дека на ова место недостасуваат основни животни потреби.
„Тука проблем не е салата во која престојуваат, не е ладно, но условите за живот се минимални. Постојат само две купатила кои се речиси неупотребливи. Потребни им се хигиенски работи. Потребна им е облека, посебно на жените и на децата. Според информациите кои ги добивме од разговор со нив, постојат луѓе кои пет дена не се бањале", рече Хоџај.
Тј истакнува дека се чека на одлуката на општинските власти за нивно преместување на друго место.
Претседателот на Општина Призрен Митахер Хаскука на вчерашната прес-конференција говорејќи за моменталната ситуација на луѓето кои престојуваат, во и надвор од Иновацискиот парк, рече дека е потребна поголема поддршка од централните институции за подобрување на ситуацијата.
„Со оглед дека оваа сала нема основни услови за сместување, недостасуваат кревети и од санитарен аспект не може да се задоволат толку луѓе. Од централните институции е побарано да се изнајде решение за нивно преместување на друго место што е можно поскоро", рече Хаскука.
Во двата најголеми хотели во Призрен моментално престојуваат над 200 други државјани на Албанија, а ги има и по приватни куќи. Точна бројка на Албанци сместени во Призрен не е позната. Хаскука за тоа ги повика сите оние кои се сместени во куќи да се јават на Општинскиот повикувачки центар за да бидат регистирани и да им бидат овозможени медицински услуги или нивните деца да тргнат на настава во призренските училишта.
- Земјотрес во Албанија
Потсетуваме, во земјотресот со јачина од 6,3 степени, што ја погоди Албанија на 26 ноември, загинаа 51 лице, додека стотици беа повредени, а беше предизвикана и материјална штета.
Премиерот на Албанија, Еди Рама потврди дека завршиле операциите за пребарување и спасување. Во операциите за пребарување и спасување во областа Драч учествуваа тимови од Албанија, Косово, Турција, Северна Македонија, Грција и од други земји.
Поради земјотресот во некои градови во Албанија е одложена наставата во основните и средните училишта, информираше денес министерката за образование, спорт и млади на Албанија, Беса Шахини, која рече дека во областа Драч најголемите штети се и во училишните објекти.
news_share_descriptionsubscription_contact
