Zylfije Adem Jakupi
13 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
ПРИШТИНА
Централната изборна комисија на Косово ги потврди конечните резултати од предвремените парламентарни избори во Косово, што се одржаа на 14 февруари 2021 година, според кои убедлив победник е Движењето „Самоопределување“ со 50,28 отсто освоени гласови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Централната изборна комисија, Валдета Дака, изјави дека до потврдување на резултатите дошло откако е добиена потврда од Изборниот панел за жалби и претставки и од Врховниот суд на Косово дека немаат прашања за разгледување и одлучување.
Вкупната бројка на регистрирани гласачи беше 1.851.927 додека на гласачките места гласаа 814.129 гласачи. Надвор од гласачкото место, односно условно или преку пошта, гласале 89.257 гласачи. Излезноста на изборите изнесуваше 48,78 отсто.
Дака наведе дека движењето „Самоопределување“ освоило 438.335 гласови или 50,28 отсто од гласовите и ќе има 58 од 120 пратеници во Собранието на Косово.
Демократската партија на Косово доби 148.285 гласови или 17 отсто и има 19 пратеници.
Демократскиот сојуз на Косово има 110.985 гласови или 12,73 отсто и ќе има 15 пратеници.
Алијанса за иднината на Косово има 62.111 гласови или 7,12 отсто и има 8 пратеници, додека Српската листа доби 44.407 гласови или 5,09 отсто и ќе има 10 пратеници.
Социјалдемократската партија Нисма не успеа да го помине прагот од 5 отсто за влез во Собранието на Косово.
Откако Изборниот панел за жалби и поплаки ги поништи повеќето од гласовите што бошњачките и ромските субјекти ги добија во српските средини во Косово, надвор од Собранието на Косово остана и Обединетата заедница - Адријана Хоџиќ, додека Ромската иницијатива од два падна на еден пратеник.
Од резервираните 10 места за несрпските малцинства, Турската демократска партија на Косово освои 2 пратенички места, додека по еден пратеник ќе имаат коалицијата Вакат, Новата демократска иницијатива на Косово, Ромската иницијатива, Нова демократска партија, Социјалдемократската унија, Единствената горанска унија, Ашкалиската партија за интеграција и Напредната ромска иницијатива на Косово.
Изборниот панел за жалби и претставки на 8 март ги поништи гласовите на бошњачките и ромските политички субјекти што се добиени во српските средини во Косово каде или нема воопшто или во многу помал број има жители од тие две заедници. Во образложението е наведено дека тоа е недемократски стандард со гласови на гласачите на една заедница да се обезбеди право на застапување на друга заедница. Таквата одлука на Изборниот панел ја потврди и Врховниот суд на Косово.
Инаку, лидерот на „Самоопределување“ и иден премиер на Косово, Албин Курти, и вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, упатија повик до политичките субјекти за одржување одвоени консултативни состаноци за понеделник, 15 март, во врска со формирањето на новите косовски институции.