Zylfije Adem Jakupi
11 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) – Косовската полиција соопшти дека во три случаи синоќа од различни локации било пукано кон полициските единици кои биле на службена должност во близина на браната на езерото Газивода, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Косовската полиција се наведува дека „лица од одредени криминални групи кои блокираа повеќе патишта на северот на земјата, од различни локации, во три случаи пукаа во полициски единици кои беа на службена должност во близина на браната на езерото Газивода, на пат кон Граничниот премин Брњак“.
„Полициските единици во самоодбрана беа принудени да одговорат од огнено оружје на криминалните лица/групи, кои се повлекле и се оддалечиле во непознат правец. Исто така, според информациите од полициските единици на терен, на повеќе различни локации се слушнале истрели“, се истакнува во соопштението.
Се додава дека засега нема официјални информации за повредени или евентуална штета.
Претходно, Косовската полиција соопшти дека од безбедносни причини, додека биле блокирани патиштата, затворила за сообраќај два гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак.
Косовската полиција претходно наведе дека на Граничниот премин „Јариње“ е задржан осомничениот Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, поради основано сомнение за вмешаност во кривични дела тероризам и напад на уставниот поредок.
Пантиќ е осомничен за учество во организирање на нападот врз канцеларијата на Централната изборна комисија и напади врз службеници на ЦИК и Косовската полиција во вторникот во Северна Митровица и Зубин Поток.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вчера ги одложи вонредните избори во четири општини на северот на Косово, закажани за 18 декември, за 23 април 2023 година, поради немање безбедност за нивно одржување.
Во Северна Митровица и Звечан во последните денови се забележани инциденти поради подготовките за одржување на вонредните избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници, поради одлуката за регистарските таблички, ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството.