01 Август 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - Граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, остануваат затворени за сообраќај поради блокадата на патиштата во правец на овие два премина, соопшти денес Полицијата на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека блокадата на патот ја извршиле „организирани криминални лица или групи“ со употреба на тешка опрема.
Од косовската полиција потврдија дека вчера (недела), по блокадата на патиштата во Северна Митровица, во четири случаи е пукано на полициските единици, додека се случила и една детонација.
„За среќа, не постојат извештаи дека било кој граѓанин или полициски службеник е повреден со огнено оружје. До сега се пријавени четири случаи во кои албански граѓани, кои патувале во тој дел биле запирани и малтретирани од лица за кои се сомнева дека се дел од групата која ги блокирала патиштата, нанесувајќи им повреди и материјална штета на нивните возила“, соопшти полицијата.
На полноќ започна примената за издавање влезно-излезен документ за лица кои влегуваат во Косово со српски лични карти, на сите премини освен Јариње и Брњак на северот на Косово, кои се затворени.
Косовската полиција во неделата ги затвори граничните премини кон Србија, откако локалните Срби ги блокираа патиштата пред почетокот на спроведувањето на реципрочните мерки од страна на Владата на Косово.
Најпрво во Северна Митровица се слушнаа сирени за тревога, што беше знак граѓаните да почнат да се собираат. Потоа почна блокирањето на магистралните патишта со камиони и возила.
Според одлуката на Владата на Косово од 29 јуни, во понеделник на 01.08.2022 година, почна да се издаваат формулари за привремена декларација на граничните премини на лица кои влегуваат во Косово со српски лични карти. Исто така, започнува двомесечниот процес на пререгистрација на нелегалните регистарски таблички со ознаки на косовските градови „ПР“, „КМ“, „ПЗ“ и слично, издадени од Србија, со таблички на Република Косово.