Sibel Vezaj
20 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Република Косово изрази длабоко разочарување по гласањето против членството на Косово во Генералното собрание на Интерпол, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Република Косово изразува длабоко разочарување поради тоа што на Косово му беше оневозможено да биде дел од светското полициско семејство кое води борба против транснационалниот криминал“, се наведува во соопштението на Кабинетот на косовскиот премиер.
„Дивата кампања на Република Србија уште еднаш го докажа својот карактер против Косово и против идејата за нормализирање на односите со Република Косово, иако ова членство беше техничко, а не политичко“, се вели во ова соопштение.
Според косовската Влада, гласањето против прифаќањето на Косово во оваа меѓународна организација му служи само на криминалот и криминалците, и никој не треба да се радува со овој факт.
Владата на Република Косово упати благодарност до сите земји кои гласаа „за“, и до сите кои се обидоа да му помогнат на Косово во овој процес.
Во соопштението се наведува дека Косово ќе продолжи со консолидирање на своите институции, и дека во многу блиска иднина ќе биде полноправен член на Интерпол.
Потсетуваме, Генералното собрание на Интерпол на својата 87. сесија гласаше против членството на косовската полиција во оваа организација.