Zylfije Adem Jakupi
07 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА) - Шефицата на косовската дипломатија, Мелиза Харадинај-Стубла, го поздрави писмото што претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, го испрати до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое бара заемно признавање на Косово и Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Косовската министерка за надворешни работи и дијаспора на должност го смета тоа за достигнување во непоколебливата позиција на Косово да го заклучи финалниот дијалог со Србија со безусловно признавање на независноста на Косово, почитувајќи ги непроменливите принципи на унитарниот карактер, територијалниот интегритет и уставниот поредок, соопштено е од Министерството.
„Како министерка за надворешни работи и дијаспора, непрекинато барав активна и одлучувачка улога на Соединетите Американски Држави во финалниот дијалог со Србија. Само со ангажирање на САД, со нивниот непоколеблив став дека треба да има меѓусебно признавање, може да се постигне краен договор што ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и пошироко“, рече Харадинај-Стубла.
Таа го нагласи значењето на американското присуство и активната улога во сите важни процеси за Косово.
„Без активната и одлучувачка улога на Соединетите Американски Држави како главен актер и администрацијата на претседателот Бајден ќе биде тешко да се замисли траен договор кој гарантира меѓусебно признавање на двете земји“, истакна министерката Харадинај-Стубла.
Американскиот претседател, Џо Бајден, му испрати писмо со честитки на српскиот претседател Вучиќ по повод 15 февруари - Денот на државноста на Србија. Во тоа писмо, Бајден, покрај останатото, наведува дека САД ја поддржуваат и ја поттикнуваат Србија во процесот на европските интеграции „вклучително и воведувањето на неопходните реформи и постигнување сеопфатен договор за нормализација со Косово, што е фокусиран на меѓусебно признавање“.