Балкан

Косовската претседателка: Отворање на мостот во Митровица само во координација со косовските сојузници

Османи при посетата на Општина Витина рече дека Соединетите Американски Држави никогаш не биле против отворањето на мостот, но бараат координација и безбедносни процени

Zylfije Adem Jakupi  | 15.08.2024 - Обновена : 17.08.2024
Косовската претседателка: Отворање на мостот во Митровица само во координација со косовските сојузници

ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, побара секоја одлука за отворање на мостот на реката Ибар во Митровица да биде координирана со косовските сојузници, јавува Анадолу.

Османи при посетата на Општина Витина рече дека Соединетите Американски Држави никогаш не биле против отворањето на мостот, но бараат координација и безбедносни процени.

„На моите средби со претставниците на САД никогаш не беше кажано дека се против отворањето на мостот. Напротив, тие се за спроведување на договорот од Брисел со кој се предвидува отворање на мостот. Но како и со секоја безбедносна тема, косовските институции и нашите безбедносни сојузници бараат од Косово да се седне заедно и да се работи заедно на план за имплементација што ги зема предвид безбедносните процени и на Косово и на нашите сојузници, а во повеќето случаи тие се идентични, и дека врз основа на тоа се одредува поповолен момент отворањето на мостот да биде траен успех“, нагласи Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања, таа рече дека мостот е затворен од чисто политички причини и дефинитивно треба да се отвори, но кога ќе се отвори да остане отворен, а не кога ќе се отвори да предизвика зголемено присуство на НАТО на мостот.

Османи не сакаше да ги коментира изјавите на европските претставници дека отворањето на мостот треба да биде дел од дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел. Таа рече дека Србија не е загрижена за отворањето на мостот на територијата на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера на состанокот на Владата на Косово повтори дека отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица е праведно, неопходно и корисно за сите и дека ќе продолжи со консултациите и координациите со партнерите.

Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, во повеќе наврати изјави дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. КФОР ги повика сите актери да се воздржат од еднострани изјави и дејства што може да создадат тензии.

Вицепремиерот на Косово и главен преговарач во дијалогот, Бесник Бисљими, изјави дека отворањето на мостот на Ибар не е еднострана одлука на Владата бидејќи за тоа прашање постои договор како дел од дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија што беше потпишан во 2015 година во Брисел.

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави дека не се точни и погрешни се тврдењата дека ЕУ е против отворањето на главниот мост на Ибар. Лајчак на платформата Х нагласи дека ЕУ постојано повторува дека прашањето за отворање на мостот мора да се реши со дијалог меѓу Косово и Србија. Тој оцени дека наметнувањето одлуки против волјата на засегнатите граѓани не придонесува за нормализирање на односите.

Главниот мост на Ибар во Митровица е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и може да се помине само пешки. Во Митровица има уште два моста што ги поврзуваат јужниот мнозински албански дел и северниот мнозински српски дел од градот и тие се отворени за сообраќај.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın