Zülfiya Yakup
19 Мај 2017•Ажурирај: 20 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Косово денес го објави извештајот „Широка процена на перцепцијата на радикализацијата на ниво на заедници во Косово“, кој беше подготвен со техничка поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), јавува Anadolu Agency (AA).
Заменичката на шефот на УНДП во Косово, Алесандра Рокасалво, изјави дека овој извештај дава политичка процена со којашто се препорачува јавноста да се едуцира за прашањето на радикализацијата, со цел да се обезбеди сигурност дека сите се информирани оти Владата има стратегија за борба против насилниот екстремизам.
Рокасалво рече дека исто така се препорачува да се воспостави една итна линија, каде што граѓаните ќе можат да пријават сомнителни случаи на радикализација во нивните семејства и заедници.
Таа истакна дека секој треба да го поддржи Министерството за внатрешни работи во борбата против оваа појава, и дека истражувањето покажало оти за да одат на странските боишта, лицата се регрутирани на три начини: преку радикални верски лидери, преку интернет и на средби „лице в лице“ со луѓе влијателни во екстремизмот.
Рокасалво истакна дека Косово има постигнато напредок во борбата против екстремизмот, и подсети дека во текот на 2015 година, кога проблемот се појави во светот, косовската полиција и раководството на Министерството за внатрешни работи силно пристапиле во борбата против екстремизмот и радикализмот. Таа нагласи дека е усвоен Законот за забрана на вклучувањето на граѓаните на Косово на странските боишта.
Министерот за внатрешни работи во заминување, Скендер Хисени, истакна дека резултатите на косовските институции во спречувањето на екстремизмот и радикализмот беа спектакуларни, но дека овој успех не би бил можен без меѓународна поддршка, поддршката на САД, тесната соработка со европските земји и со УНДП.
Хисени истакна дека е од витално значење за долгорочниот интерес на народот на Косово да се поттикне и да се промовира секуларизмот како темелна вредност на општеството.
Извештајот „Широка процена на перцепцијата на радикализацијата на ниво на заедниците во Косово“, имаше за цел прибирање на нови перспективи и разбирање на утврдените фактори што дејствуваат како поттикнувач на радикализацијата на Косово, особено на локално ниво.