İhvan Radoykov
04 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
ВАРНА (АА) - Во Варна, Бугарија, одржан е состанокот на лидерите на четири балкански земји: Србија, Грција, Романија и Бугарија, со кој е порачано дека регионот треба да биде регион на мир и стабилност, а не регион на проблеми за ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Грција, Алексис Ципрас, премиерот на Романија, Михај Тудосе и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.
За време на средбата лидерите разговараа за унапредување на соработката меѓу земјите од регионот, во областа инфраструктура и енергетика, како клучни за привлекување инвестиции и за економски развој на целиот регион.
Вучиќ на прес-конференцијата изјави дека за време на состанокот со премиерите на регионот е разговарано и за односот на ЕУ кон прашањето на Косово, по неодамнешниот референдум во Каталонија.
„Благодарен сум им на своите пријатели што денес ме сослушаа кога зборував за еден тежок проблем што ги мачи граѓаните на Србија, а тоа е референдумот во Каталонија и различниот однос на ЕУ кон Србија и кон Шпанија“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија го поддржува интегритетот на Шпанија, напоменувајќи дека тоа е пријателска земја.
„Шпанија не ја призна независноста на Косово, но интересно е тоа што Европската комисија различно реагираше и оти тоа беше насочено против мојот народ и држава. Значи, Косово доби независност, дури и ако не одржаа никаков референдум, а Каталонија, која исполни барем некаква форма, ништо слично да не може да добие, па ние Србите понекогаш се прашуваме зошто сме морале да бидеме жртва на двојните аршини и двојните принципи“, изјави Вучиќ.
Ципрас истакна дека ЕУ треба да ја одигра својата улога за да ги сочува демократските принципи и вредности.
„Најпрво мораме да ги решиме внатрешните проблеми. Постои нова визија за Балканот. Затоа наскоро ќе соработуваме во областа на енергетиката, транспортните врски, управувањето со кризи и безбедноста“, изјави Ципрас.
Тој напомена дека меѓу најважните проблеми на ЕУ е проширувањето на Западен Балкан, како и обединувањето на Кипар.
Тудосе за новинарите изјави дека Романија е дел од регионот и е земја којашто може да им помогне на балканските земји да станат дел од ЕУ.
„Важно е сите четири земји да дејствуваат како еден парнер во односите со останатите делови на ЕУ“, изјави Тудосе.
Борисов изјави дека Балканот треба да биде регион на напредок, а не регион на убиства.
„Сакаме да бидеме мотор на напредок. На Балканот нема големи, сите сме еднакви. Не треба во Европа да бидеме препозналиви како место на убиства, туку како место на просперитет. Сакаме да ѝ помогнеме да ЕУ да не размислува за нас, да не бидеме проблем“, изјави Борисов.
На состанокот е договорен и бугарско-грчкиот проект „Од море до море“, со којшто железничката пруга би се поврзала по три главни пристаништа, па двете земји би добиле два нови краци кон Србија и кон Романија.