ТИРАНА
Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, престојува во официјална посета на Албанија, во чии рамки се сретна со претседателот на Албанија, Илир Мета, а по средбата одржаа заедничка прес-кофенренција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Албанија, Мета, рече дека на средбата се согласиле да ги зајакнат односите меѓу двете земји со еден нов ритам.
„За време на оваа срдечна и братска средба што ја имавме, разговаравме за сите теми од билатералните односи, како и од регионалната и меѓународната сфера. Меѓу нив, сакам да се осврнам на некои клучни прашања. Се согласивме односите да се зајакнуваат со нов ритам, на начин да ги обединиме напорите не само меѓу земјите, туку по можност, и меѓу другите земји во регионот, со цел на нашите млади да им дадеме побрза европска перспектива на начин да го обесхрабриме нивното заминување од нашите земји“, нагласи Мета.
Тој истакна дека верува оти добриот политички дијалог, што го имале на претседателско ниво, ќе се поттикне и на сите други нивоа, со цел реално и конкретно да одговорат на реципрочната волја и почит што ги имаат двата народа едни за други.
„На посебен начин да ги зголемиме економските и трговските размени и да ги обединиме напорите меѓу двете земји, но и со Црна Гора и другите земји, со цел да ја подобриме инфраструктурата за интерконекција како извонреден приоритет“, додаде тој.
Според Мета, очекуваното потпишување на договорот за економска соработка и признавање на возачките дозволи меѓу двете земји ќе има директно влијание во оваа насока
„Албанија секогаш стоеше покрај Босна и Херцеговина и ќе продолжи силно да ги поддржува сувереноста, територијалниот интегритет, социјалната кохезија и нејзиното унапредување во европските и евроатлантските процеси, особено сега во пресрет на 25-годишнината од Дејтонскиот договор. Го изразувам нашето убедување и желба во насока на тоа целосното спроведување на Дејтонскиот договор уште повеќе да го консолидира меѓуетничиот соживот во Босна, но и во целиот регион, бидеќи меѓуетничкиот соживот во Босна и Херцеговина е клучен за европската иднина на целиот регион. Го охрабрував Џаферовиќ за продолжување на напорите за прагматично решение за признавање на документите и за олеснување на режимот на визите за граѓаните од Косово“, истакна претседателот на Албанија, Илир Мета.
- Џаферовиќ: „Честитки до Северна Македонија и Албанија за пристапните преговори со ЕУ“
Џаферовиќ нагласи дека Босна и Херцеговина е определена кон членството во Европската Унија и упати честитки до Албанија за отворањето на пристапните преговори со Европската Унија. Тој изрази надеж дека ЕУ наскоро ќе ѝ додели кандидатски статус на БиХ.
Претседавачот со Претседателството на БиХ рече дека неодамнешните разговори, што во Брисел ги имале членовите на Претседателството на БиХ со челниците на ЕУ, дале поттик на напорите на БиХ да ги исполнат условите за кандидатскиот статус.
Во текот на состанокот е разговарано и за регионалната соработка и градењето доверба во регионот. Се разговараше и за „Мини Шенген“, за продлабочување на регионалниот економски простор на Западниот Балкан, односно за отстранување на бариерите за слободно движење на стоката, услугите, капиталот и луѓето низ регионот.
Истакнат е интересот за јакнење на економските односи во областите на енергетиката, земјоделството и туризмот затоа што, како што е кажано, потенцијалите на двете земји се комплементарни и можат да бидат двигател на посилен развој на двете држави.
„Нас нè поврзуваат заеднички евроатлантски интеграции. Билатералните односи помеѓу нашите држави се пријателски. Односите во регионот не се оптоварени со отворени прашања, но секогаш може подобро. Мислам дека не ги искористивме сите можности на нашата билатерална соработка, посебно во делот на економијата. Можеби причина за тоа е што БиХ моментално нема Амбасада во Тирана, ниту Албанија има Амбасада во Сараево“, рече Џаферовиќ.
Потсети дека Претседателството на БиХ на седницата од пред неколку дена донело одлука да отвори Амбасада во Тирана. Џаферовиќ се заблагодари што на Бошњаците им дале статус на национално малцинство.
Како што рече, Бошњаците во Албанија се чесни граѓани на таа земја и ја почитуваат државата во која живеат и државата од која потекнуваат.
Џаферовиќ упати честитки до Албанија затоа што со Северна Македонија ќе започнат преговори за членство во ЕУ, наведувајќи дека тоа е многу битно и важно бидејќи економската интеграција на комплетниот регион на Западен Балкан е нешто што е на прво место и за БиХ.
„Ние очекуваме кандидатски статус во текот на иднатата година. БиХ го поддржува дијалогот што се води помеѓу Србија и Косово, Белград и Приштина во Вашингтон и во Брисел. Сакаме да дојде до прифатливо и одржливо решение“, рече Џаферовиќ.
Во врска со односите меѓу БиХ и Косово, Џаферовиќ рече дека кога е во прашање односот со Косово тоа е нешто неприфатливо бидејќи „имаме најригиден режим за движење на луѓето и стоките во двете насоки“.
„Сакаме да го унапредиме тоа, луѓето нормално да комуницираат и стоковата размена да се одвива на најдобар, наједноставен и најкорисен начин“, додаде Џаферовиќ.
Меѓу другото, Џаферовиќ се состана и со премиерот на Албанија, Еди Рама, додека во текот на денот ќе се состане и со претседателот на Парламентот на Албанија, Грамоз Ручи. Џаферовиќ заедно со Мета ќе го посетат и селото Борак во Општина Шијак, каде што живее дел од бошњачката заедница во Албанија.
news_share_descriptionsubscription_contact
