Furkan Abdula
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, реализира посета на Косово, во чии рамки во Приштина се состана со косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за одбрана на Северна Македонија.
„Стабилноста на Западниот Балкан е клучен приоритет за Северна Македонија и за Косово, а засилената одбранбена соработка е еден од начините како да ги зацврстиме мирот и безбедноста во овој дел на Европа“, заклучија министерката за одбрана, Славјанка Петровска и косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, на денешната средба во Приштина“, се вели во соопштението.
„Северна Македонија како земја членка на НАТО е сериозно посветена на зацврстување на регионалната стабилност и безбедност. Тоа е предуслов нашите држави да продолжат да се развиваат, особено денес, кога имаме нова геополитичка реалност во која е нарушена повеќедецениската безбедност на европскиот континент“, рече министерката Петровска на средбата.
Се нагласува дека во контекст на зајакнувањето на регионалната безбедност и стабилност, Петровска го информирал својот косовски колега дека Северна Македонија останува посветена на придонесот во мисијата КФОР.
Според соопштеното, министрите се заложиле да работат на продлабочување на соработката во доменот на кризниот менаџмент при природни непогоди и катастрофи.
„Во однос на геополитичките предизвици, на состанокот беше осудена руската инвазија на Украина, за што министерката Петровска истакна дека нема место во Европа во 21 век“, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, министерот Мехај се заблагодари за отвореноста и посветеноста на Северна Македонија во развојот на билатералните односи и вклучувањето во регионалните иницијативи кои се важни за одржувањето на регионалната безбедност и стабилност.
Тој упати благодарност и за учеството на припадниците на Армијата во мисијата КФОР.
„Двајцата министри го потпишаа и новиот Меморандум за соработка, како продолжување на воспоставената одбранбена соработка со Меморандумот од 2010 година. Соработката опфаќа повеќе области како справување со дезинформациите, безбедносна и одбранбена политика, процес на планирање, програмирање, буџетирање и извршување, медицинска обука и воено образование“, се додава во ова соопштение.
- Средба со претставник на КФОР -
Во Приштина, Петровска се сретна и со заменик-командантот на НАТО во мисијата КФОР, италијанскиот бригаден генерал Лука Пиперни, кому му се заблагодари за логистичката поддршка од командата и од Италијанската армија на контингентот од Северна Македонија кој во моментов брои 74 припадници на Армијата.
„Северна Македонија е столб на безбедноста во регионот и затоа, освен 15-годишната логистичка поддршка на оваа мисија, денеска во КФОР придонесуваме и со контингент војници од Армијата на Република Северна Македонија“, рече министерката на средбата, подвлекувајќи дека државата останува посветена на придонесот во КФОР.
Генералот Пиперни порача дека војниците од Армијата на Република Северна Македонија во КФОР се посветени и професионални во извршувањето на своите задачи. Посетата на Косово продолжува со средба на Петровска со контингентот војници од Армијата на Северна Македонија стационирани во Регионалната команда - Запад, во Пеќ.