Nazlı Yüzbaşıoğlu
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турција упати порака на сочувство до Албанија по повод земјотресот кој утринава ја погоди оваа земја во која, според последните информации, загинаа 15 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за надворешни работи на Турција е наведено дека со длабоко жалење е добиена информацијата за земјотресот кој ја погоди Албанија
„Изразуваме искрено сочувство до семејствата на настраданите и до целиот албански народ. На повредените во земјотресот им посакуваме побрзо закрепнување. Турција, како и секогаш, и во оваа катастрофа е со Албанија“, наведуваат од МНР на Турција.
АФАД денеска потврди дека Турција со авион на Генералштабот праќа спасувачки екипи и потребна опрема за помош на Албанија.
Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека бројот на загинати во земјотресот се искачи на 15 лица, а дека досега се спасени 41 лице.
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, на прес-конференција потврди дека „Главниот удар на земјотресот беше регистриран на 3:55 и беше со јачина од 6,3 степени со длабочина од 10 километри и со епицентар во Драч.“
„По првиот удар беше регистриран друг голем удар од 5,5 степени според Рихтер и епицентар во 'Ртот Родон со повеќе од 100 секундарни потреси и оттогаш состојбата е сè уште активна“, изјави Џачка.
Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа биле услужени над 600 повредени во земјотресот.
Во меѓувреме, Министерството за образование, спорт и млади објави „прекин на наставата на целата територија за денеска, 26.11.2019."
Во Тирана и другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и други помали потреси.
Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.
Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.