живот, Балкан

Музејот „Рон“ во Албанија, уникатна колекција на историски возила

Арбен Прењаси е еден од најпознатите албански колекционери на историски возила, кој го замислил и основал музејот „Рон“, составен од историски возила „Ретро“, но и од документи, фотографии и различни предмети

Fatjon Cuka  | 09.11.2024 - Обновена : 10.11.2024
Музејот „Рон“ во Албанија, уникатна колекција на историски возила Фото: Olsi Shehu/АА

ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -

Возилата со историски статус продолжуваат да привлекуваат внимание во Албанија, а љубителите на овие возила имаат создадено и зачувано колекции со ретки вредности.

Арбен Прењаси е еден од најпознатите албански колекционери на историски возила, кој го замислил и основал музејот „Рон“, составен од историски возила „Ретро“, но и од документи, фотографии и различни предмети поврзани со историјата на автомобилизмот во Албанија.

Со својот ентузијазам и упорност, 57-годишниот Прењаси, со околу 24 години истражување, успеал да создаде ретка колекција на стари возила, познати како „Ретро“, кои се користеле во Албанија, но и документација за нив или за возачите.

Приватниот музеј, што се наоѓа во Тирана, има повеќе од 1.000 предмети, меѓу кои се возила од различни брендови и категории, како што се автомобили, фургони, мини фургони, камиони, трактори, автобуси, пожарникарски возила, мотоцикли, велосипеди, но и оригинални табли, предмети, униформи и документи поврзани со возилата и нивните возачи.

Најстарото возило во неговата колекција е „фиат 500“ (Тополино) од 1953 година, а исто така се истакнуваат и возилата „ГАЗ 51“, „ГАЗ 63“, „ГАЗ 69“, „ЗИС 150“, „жук“, „BJ“, „фиат 125“, „фиат 900“, „мерцедес бенц“ лимузина, „фолксваген буба“, „аро“, „шкода 706 MT“ и мотоцикли како „веспа“, „јава 350“, „јава перак“, „сингфу 250“, „чанг џјанг“, „чепел“, „MZ“, „CZ“, „ламбрета“, „гуци“, „M72“, „BMW“, „минарели“, „гарели“ и други модели, како и стари велосипеди, од кои некои се постари од еден век.

За Анадолу, Прењаси, кој во периодот 1989-2001 работел како полициски службеник во Албанија, објаснува дека возилата се купувани, донирани, најдени во различни складишта или приватни домови низ градовите и селата на Албанија, за потоа да бидат реставрирани за да се создаде уникатна колекција.

„Желбата за колекционирање се појави рано, но можностите беа ограничени. Со текот на годините започна да се зајакнува како идеја, желба и страст истовремено. Со собирањето на возилата и соодветната документација почнав околу 2000-тите години. Идејата се роди заедно со еден мој пријател, кој добро ги познава возилата, и почнавме да ја создаваме колекцијата“, раскажува тој.

Некогаш возилата биле за лична употреба, но и од институции како Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Генералната полициска управа, како и поранешната државна безбедност. Денес, тие се сведоштво за историјата на автомобилизмот во Албанија и се користат и за снимање филмови.

Тој објаснува дека сакал да ја разбуди љубопитноста кај луѓето и да ги поттикне нивните спомени, додавајќи дека со многу страст и работа успеале да создадат ваква колекција на возила кои се користеле во Албанија, главно во периодот пред 1990 година.

Прењаси истакнува дека има за цел во иднина да ја претвори својата колекција во вистински музеј достапен за јавноста и туристите.

„Идејата е да се претвори во музеј каде што јавноста може да ги види овие возила и со нив да ја доживее историјата и минатото. Овие возила се уникатни и имаат вредност, конкурирајќи со возила произведени 50 години подоцна. Задоволството што ми го носат сакам да го споделам со јавноста“, вели тој.

Дел од музејот на Прењаси се и документацијата и фотографиите, што вклучуваат дозволи за возење, билети и сообраќајни дозволи од различни историски периоди.

„Заедно со возилата, истражував и најдов соодветни документи поврзани со нив, почнувајќи од дозволи од времето на Албанското Кралство до денес, билети кои датираат од 1925 година, сообраќајни дозволи, фотографии и други документи во функција на овие возила што сум ги собирал“, изјавува Прењаси.

Тој раскажува дека му требало да патува многу низ Албанија за да ги пронајде и обезбеди овие возила, додавајќи дека тие биле заборавени и „покриени со правот на времето и 'рѓа“.

Прењаси додава дека за реставрацијата и одржувањето се грижи неговиот реставратор и соработник Меди Халилај, со кого ги пронашле и многу од возилата ги вратиле во работна состојба, додека некои сѐ уште се во процес на реставрација.

„Како што може да се види, овие возила чекаа еден ден да бидат изложени. Ги собравме од сите страни на Албанија, почнувајќи од Саранда сѐ до Скадар. По една многу добра професионална работа, ги реставриравме. Вреди да се напомене дека сите возила, мотори и велосипеди се вратија на својата оригинална состојба, како што биле излезени од фабрика“, вели тој.

Во еден од аглите на музејот е создадена и соба за прием според моделот на куќите за време на комунистичкиот режим, каде што посетителите можат да се запознаат и со аспектите на животот од тоа време.

Статусот „Ретро“ подразбира нивно официјално регистрирање како возила излезени од употреба и зачувани за колекционерски цели со историска вредност.

Во моментот, во Албанија се регистрирани стотици возила со статус „Ретро“ што се во сопственост на различни колекционери, кои со својата страст успеале да ги зачуваат уникатните автомобили.

За возилото да го добие статусот „Ретро“ во Албанија, мора да биде произведено најмалку пред 30 години, да биде на листата одобрена од институциите за историски возила, да биде зачувано или реставрирано во својата оригинална форма, да не се користи за секојдневно возење, да не е во производство и да исполнува и други критериуми.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.