Elena Trenchevska Chekovic
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес во Брисел учествуваше на Советот за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), со кој претседаваше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, пренесува Анадолу.
Пред почетокот на Советот, како што соопшти Министерството, Муцунски порачал дека проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати, оценувајќи Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа.
Тој истакна дека државата постигнала конкретни резултати во спроведувањето на реформската агенда, особено во последните месеци, додавајќи дека Северна Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Муцунски нагласи дека е потребно да се избегне билатерализација на пристапните критериуми и да се засили соработката во областите на безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергетиката, безбедноста на храната и дигитализацијата.
Во рамките на Советот се разговараше за односите на Европската Унија со Западен Балкан, како и за актуелните надворешно-политички и безбедносни прашања од заеднички интерес.
Посебен акцент е ставен на соработката во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина и регионалните последици од глобалните случувања.
Во своето обраќање Муцунски ја повтори определбата на Северна Македонија да биде доверлив партнер на Европската Унија и ја нагласи важноста од вклучување на регионот во иницијативите на ЕУ за јакнење на колективниот капацитет и отпорноста на безбедносни закани.