Adel Ömeragiç
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
ПОДГОРИЦА (АА) - Откако ќе се заврши процесот за ратификација на протоколот за пристап на Црна Гора во НАТО, нема причини сето тоа да не се формализира со членство на пролет 2017 година, порача денес во Подгорица Роуз Гетемјулер, заменичката на генералниот секретар на НАТО. Таа изјави дека обид за терористички напад во Црна Гора на денот на изборите е нешто многу опасно, но дека е важно што државните органи започнале истрага за тој случај, јавува Anadolu Agency (AA).
Гетемјулер, која присуствуваше на меѓународната теренска вежба за управување со последиците во вонредни состојби, за новинарите изјави дека сите случувања во пресрет на изборите и на денот на изборите во Црна Гора, кога бил подготвуван терористичкиот напад, е нешто многу сериозно.
„Она што се случуваше пред изборите е нешто многу сериозно. Мило ми е што истрагата е отворена, државниот обвинител на Црна Гора е вклучен во сето тоа, но поради тоа што истрагата е отворена, тоа нема да го коментирам. Сметам дека е исклучително важно што државните органи започнаа истрага, како во Црна Гора, така и во Србија“, изјави Гетемјулер.
Таа истакна дека реално е Црна Гора да биде 29. членка на НАТО, на пролет 2017 година.
„Прашањето за членство на Црна Гора во НАТО е еден процес што се случува. Видовме дека тој процес доведе до зајакнување на институциите во Црна Гора. Преку процесот на подготовки, Црна Гора зајакна и подготвена да одговара на кризите како природни катастрофи, како што видовме на вежбите. Црна Гора е повикана да се вклучи во НАТО. Членките на НАТО во своите парламенти го ратификуваат протоколот за пристап, но нема причина членството на Црна Гора да не се формализира во текот на 2017 година. По ратификација во парламентите на членките на НАТО, потребно е тоа да се ратификува и во Црна Гора, но нема никаква врска со забрзувањето на овој процес“, изјави заменичката на генералниот секретар на НАТО.
На прашањето како го коментира тоа што денес во Србија се одржала воена вежба на Србија, Русија и Белорусија, Гетемјулер истакна дека секоја земја има право да одлучи кој ќе биде нејзиниот безбедносен пат.
„Секоја земја според нашето мислење има право да го избере својот безбедносен пат, тоа е суверено право на секоја земја. Тоа е суверено право на Србија, заедничката вежба да ја организира со Русија. Што се однесува до НАТО, тоа е сосема во ред. Србија е слободна да ги избере сите безбедносни аранжмани што ѝ одговараат. Мило ми е што Србија учествуваше на оваа вежба и во Подгорица“, изјави Гетемјулер.