Oktaj Omeragikj
26 Март 2022•Ажурирај: 27 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Последниот викенд во месец март, со поместување на стрелките за еден час нанапред, започнува летното сметање на времето, известува Агенција Анадолија (АА).
Со поместување на стрелките за еден час нанапред, со што 2 часот станува 3, во недела, 27 март 2022 година започнува летното сметање на времето.
Европскиот парламент во март 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот сè уште нема донесено финална одлука за тоа.
Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.
Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Северна Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.
Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.