Ekip
14 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
АТИНА (АА) - Противпожарните авиони и хеликоптери и денес продолжуваат со гаснењето на шумскиот пожар што гори во заштитениот природен резерват на грчкиот остров Евија, од каде што стотици луѓе од вкупно четири села и еден манастир беа евакуирани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Авионите се фокусирани на областите во коишто пристапот до густата борова шума преку копнен пат е отежнат. Над 200 пожарникари се бореа со шумскиот пожар, што избувна околу 3 часот по полноќ вчера наутро. Еден пожарникар волонтер е хоспитализиран откако претрпе изгореници.
Пламените јазици беа интензивирани од силните ветрови, отежнувајќи ги напорите да се контролира ширењето и разнесувањето на чадот од пожарот дури до грчката престолнина, каде што мирисот на изгорено дрво се чувствуваше до доцна синоќа. Природниот резерват е дел од мрежата на заштитени подрачја на ЕУ, „Натура 2000“ (Natura 2000).
Властите соопштија дека имало два активни фронта на пожарот, а во текот на ноќта и спорадични изолирани мали пожари.
Вчера беше прогласена вонредна состојба за подрачјето погодено од пожарот, а Грција го повика Европскиот систем на цивилна заштита за помош, по што Италија и Хрватска ветија четири авиони за противпожарна заштита.
Минатата година, над 100 луѓе загинаа при избувнувањето на шумски пожар кој брзо се прошири во приморскиот дел североисточно од Атина и ја зафати блиската населба - одморалиште. Пожарот ги затекна луѓето во нивните автомобили додека се обидуваа да им избегаат на пламените јазици, а многумина се удавија обидувајќи се да испливаат подалеку од плажите за да избегаат од големата топлина и загушувачкиот чад.