Shpetim Hiseni
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Во Скопје денес беше одбележана 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со настан организиран во близина на Камениот мост, на кој високи државни претставници ја истакнаа важноста на договорот за мирот, соживотот и развојот на земјата, јавува Анадолу.
Во своите обраќања претставниците се осврнаа на лекциите од Охридскиот договор и одговорноста за изградба на стабилна, демократска и европска држава.
Министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски рече дека Охридскиот рамковен договор не бил договор на победници и поразени, туку договор што ѝ овозможил на државата да продолжи напред и да ја гради својата иднина.
„Пред 25 години мислам дека најголема победа беше тоа што успеа да се постави една траекторија и еден пат што води напред“, рече Николоски.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали рече дека Охридскиот договор поставил темели за држава во која сите граѓани, без разлика на етничката, јазичната, културната или верската припадност, треба да се чувствуваат еднакви во правата и обврските.
„Денес, четврт век подоцна, може со целосна увереност да кажеме дека Охридскиот договор донесе значајна трансформација на политичката и општествената реалност во нашата земја“, рече Сали.
Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, рече дека предизвикот на денешната генерација е да изгради доверба во институциите, правдата и меѓу самите граѓани.
„Нашата задача бара исто толку храброст, но бара еден друг вид храброст, храброст да изградиме доверба во институциите, во правдата, во зборот што го даваме и, пред сè, едни во други“, рече Ферати.
По повод 25-годишнината од договорот, во текот на денот беше одржана и свечена седница на Владата, на која Сали рече дека Охридскиот договор бил инструмент за прекинување на конфликтот во 2001 година и поставил нов политички стандард за инклузивноста, правичната застапеност, дијалогот и довербата меѓу граѓаните.
„Наша задача денес не е само да го заштитиме Охридскиот договор како историско достигнување, туку имаме потреба и да го развиваме“, рече Сали.
На истиот настан Николоски, пак, рече дека 25 години по договорот земјата може да извлече поуки од настаните во 2001 година и пообјективно да ги согледа случувањата од тој период.
Тој рече дека тогаш земјата беше на раб да стане држава на поделби, на раздор и на силен национализам.
„Пред 25 години државата можеше да тргне по тој пат, но избра да тргне по сосема друг пат - по пат на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање“, рече Николоски.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски во објава на социјалните мрежи по повод годишнината рече дека Охридскиот договор е дел од поновата историја и од политичката и институционалната реалност на државата, нагласувајќи дека од минатото треба да се извлекуваат поуки и да се гради држава во која различностите нема да бидат причина за поделби.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на одбележувањето на годишнината во Собранието рече дека Охридскиот договор останува важен столб на уставната и институционалната архитектура на државата.
„Наша одговорност денес е да ги градиме врз неговите поуки и да ги претвориме во трајни стандарди на демократијата и соживотот“, рече Гаши.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година од претставници на тогашните државни институции и политичките партии на Албанците, со посредство на меѓународната заедница. Тој имаше цел да стави крај на вооружениот конфликт и предвидуваше низа реформи во областа на употребата на јазиците, правичната застапеност и децентрализацијата.