Besar Ademi
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Висока делегација од Црна Гора предводена од страна на министерот за европски прашања и главен преговарач на Црна Гора во преговорите со Европската Унија (ЕУ), Александар Андрија Пејовиќ, денеска престојува во посета на Македонија. Делегацијата од Црна Гора беше пречекана од страна на заменик-претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на посетата на делегацијата е одржување на третата средба на Заедничкиот комитет меѓу Македонија и Црна Гора во рамките на договорот меѓу двете влади во процесот на европските интеграции.
Пред започнувањето на средбата меѓу делегациите на двете земји од Западен Балкан, вицепремиерот Османи и министерот Пејовиќ нагласија дека оваа средба, трета по ред, придонесува за продлабочување на соработката меѓу двете земји, и помага на патот на европката интеграција на двете земји.
Османи нагласи дека преку оваа заедница се создава база за размена на искуствата и знаењата кои, според него, придонесуваат во унапредувањето на процесот на интеграцијата на двете земји, но и на регионот. Тој додаде дека членството на Црна Гора во НАТО претставува база за прогресот на Македонија и на другите земји во регионот.
„Процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија, за среќа, не претставува изолиран случај на Балканот, но е во иста насока со новиот дух на регионалниот европски оптимизам, кој е проширен и во земјите-членки на ЕУ. Овој процес, особено е забележан во Црна Гора, каде што покрај започнувањето на преговорите, оваа земја стана и членка на НАТО, и тоа претставува добра основа за нашиот напредок, но и за општиот регионален напредок“, пренесе Османи.
Од друга страна, Пејовиќ истакна дека Македонија е првата земја со којашто Црна Гора го потпишала Договорот за размена на искуствата во процесот на интеграциите.
„Црна Гора пред три месеци стана членка на НАТО, и во овој политички контекст, покрај членството во ЕУ, тука сме со вас за да ви помогнеме колку што е можно поскоро да бидете членка на Алијансата“, нагласи Пејовиќ.
Пред денешната средба во Скопје, беа одржани два вакви состанока, од кои првиот беше одржан во Скопје, а вториот се одржа минатата година во Бар, Црна Гора. Целта на овие средби е размена на искуствата меѓу двете земји во врска со процесот на европската интеграција, како и други теми од заеднички интрес во рамките на регионалната соработка, поефикасно користење на ИПА фондовите и иницијативите што произлегуваат од Берлинскиот процес.