Adis Karadza
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
По речиси пет години на функцијата висок претставник за Босна и Херцеговина, мандат заснован на Анекс 10 од Дејтонскиот мировен договор, Кристијан Шмит донесе лична одлука да ја прекине својата служба во спроведувањето на мирот во Босна и Херцеговина, соопштија од Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), јавува Анадолу.
За својата одлука тој го известил Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИЦ) и побарал да го започнат процесот за именување негов наследник.
„Тој нагласи дека ќе продолжи да ја извршува должноста висок претставник за време на процесот на избор на неговиот наследник. Осврнувајќи се на својот мандат, втор најдолг мандат на еден висок претставник, тој истакна дека е постигнат значителен напредок во унапредувањето на функционалноста на институциите на Босна и Херцеговина. Сепак, јасно е дека е потребно да се направи уште многу за Босна и Херцеговина да ги оствари своите евроатлантски аспирации“, се наведува во соопштението на ОХР.
Иако Кристијан Шмит се надеваше дека завршувањето на неговиот мандат на функцијата висок претставник ќе се поклопи со успешната реализација на програмата „5+2“ и затворањето на ОХР, тој вели дека Босна и Херцеговина сè уште не ги спровела клучните реформи, поради што работата на ОХР останува од суштинско значење.
„Тој ги повика граѓаните и политичките лидери од двата ентитета и од сите нивоа на власт дополнително да ги интензивираат своите напори и заедно со неговиот наследник да работат на спроведување на овие реформи и остварување на клучен напредок на патот кон евроатлантските интеграции“, се вели во соопштението.
Од ОХР додадоа дека неговите одлуки не се поништени со ниту една судска одлука. Шмит нагласи дека обединетата меѓународна заедница останува незаменлива за стабилноста на Босна и Херцеговина и нејзиниот напредок кон евроатлантските аспирации.
„Економската и политичката стабилност на Босна и Херцеговина, како и на поширокиот регион на Западен Балкан, се од клучно значење за севкупната европска безбедност и економски просперитет. Затоа, улогата на ОХР во Босна и Херцеговина останува важна“, соопштија од ОХР.
Кристијан Шмит изрази искрена благодарност до граѓаните на Босна и Херцеговина, од кои за време на својот мандат добил исклучително гостопримство, топлина и поддршка.
„Периодот на неговиот мандат го одбележа и развојот на домашните правосудни институции, при што судовите одлучно дејствуваа во заштитата на уставниот и правниот поредок на државата. Преземени се важни чекори за домашните институции да станат пофункционални и да се осигури интегритетот на изборите“, се наведува во соопштението.
„Во годините што доаѓаат потребно е да се вложат дополнителни напори за да се спроведат сите одлуки на Европскиот суд за човекови права и на Уставниот суд на Босна и Херцеговина“, се заклучува во соопштението на ОХР.