Agim Sulaj
06 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија на Косово соопшти дека излезноста на предвремените парламентарни избори во земјата до 15 часот изнесуваше 29,28 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Валдете Дака, на третата прес-конференција истакна дека процесот на гласање низ земјата се одвива нормално, укажувајќи на некои инциденти кои, според неа, не му наштетиле на изборниот процес.
„Врз основа на информациите од општинските изборни комисии, процесот на гласање се одвива без некој проблем што може да му наштети на овој изборен процес. Исто така, врз основа на податоците испратени од 2.491 избирачко место, или 98 отсто од нив, бројот на гласачите со право на глас кои гласале до 15:00 часот изнесува 554.750 гласачи, односно 29,28 отсто“, рече Дака.
Таа наведе дека до истиот временски период на предвремените парламентарни избори во 2017 година излезноста изнесувала 27,75 отсто.
Претходно, Државното обвинителство на Косово соопшти дека во Северна Митровица, по налог на обвинител, приведени се двајца дежурни функционери осомничени за извршување на кривичното дело „злоупотреба на службената положба во текот на изборите“. Според оваа институција, инцидентот се случил во училиштето „Свети Сава“, а се вршат процедуралните верификации од страна на надлежните.