Zülfiya Yakup
13 Февруари 2018•Ажурирај: 13 Февруари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој на покана на неговиот косовски колега, Хашим Тачи, престојува во дводневна посета на оваа земја, го повика Косово да ги исполни своите меѓународни обврски, јавува Anadolu Agency (AA).
По свечениот дочек на плоштадот Ибрахим Ругова во Приштина и состанокот на делегациите на Словенија и Косово, двајцата претседатели одржаa прес-конференција на која Пахор изјави дека Словенија и Косово се две пријателски земји кои имаат одлична соработка и си помагаат едни на други.

Пахор нагласи дека го информирал Тачи за проблемот што Словенија го има со Хрватска околу неспроведувањето на арбитражната одлука за граничниот спор меѓу двете земји, и во тој контекст го повика Косово да ја ратификува демаркацијата со Црна Гора.
„Очекуваме сите страни да покажат политичка волја и да ги почитуваат договорите, тоа важи и за Косово. Му реков на претседателот Тачи дека очекуваме почитување на Бриселскиот договор, особено формирањето на Заедницата на општини со српското мнозинство, како и Собранието на Косово да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора“ , рече Пахор.
Што се однесува до перспективите на регионот, Пахор рече дека е момент лидерите на земјите од Западен Балкан, но и Словенија и Хрватска, како две членки на ЕУ, во регионот да развијат пријателски односи и доверба и во наредните години да се регулираат меѓусебните билатерални и мултилатерални односи.
Словенечкиот претседател изјави дека со Тачи има различен став за најновата Стратегија на ЕУ за проширувањето.
„Сметам дека новата Стратегија за проширување на ЕУ кон Западен Балкан генерално е добра, додека претседателот Тачи смета дека таа начелно е лоша, но се согласуваме во едно, дека има толку многу нејаснотии во неа што е потребна длабока корекција и на тоа ќе работиме со сите лидери на земјите од регионот на самитот Брдо-Бриони на крајот од април во Скопје“, рече Пахор.
Според него, самитот Брдо-Бриони е иницијатива која досега дала позитивни резултати, и дека самитот е шанса да им се помогне на Македонија и Грција да постигнат билатерален договор за името на Македонија.
Косовскиот претседател Тачи истакна дека Косово работи на спроведувањето на договорите постигнати со Србија и дека очекува оваа година да се постигне конечен договор со Србија. Тој наведе дека Косово својата 10. годишнина од независноста ја дочекува со 115 признанија, како и со очекување дека и другите пет членки на ЕУ кои досега не го признале Косово ќе го сторат тоа. Тој исто така рече дека Косово не може да се споредува со Каталонија, и порача дека не треба да губат време за коментирање на различни изјави на политичари за поделба на Косово.
„Отсекогаш сум бил јасен дека почитувањето на територијалниот интегритет на Косово е од клучно значење за иднината на Косово. Таквите идеи не носат добро ниту на земјата, ниту на мирот, ни на стабилноста во регионот. Таквите идеи не се идеи на косовските институции“, рече Тачи.
Порача и дека претензиите за вклучување на Албанија во решавањето на прашањето на Косово со Србија се погрешни, бидејќи Косово е независна држава и има свои избрани лидери со кои треба да се разговара.
Словенечкиот претседател утре ќе има обраќање на свечената седница во Собранието на Косово, ќе се сретне со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, и ќе ги посети словенечките војници во составот на КФОР.