Admir Fazlagic
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје во организација на Институтот за стратегија и развој – ИСД се одржа дискусија на тема: „Позитивните и негативните аспекти од зачленувањето на Македонија во НАТО “, на која националниот координатор на Македонија за НАТО порача дека сите други алтернативи, освен членството во НАТО, не се добри за земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Стево Пендаровски, националниот координатор на Македонија за НАТО рече дека ЕУ и НАТО се школи за демократијата и стратешки цели на Република Македонија, истакнувајќи дека земјата треба да се ориентира на географски простор на кој живее.
„Малите држави мора да се усојузуваат со другите, и мали и големи и низ меѓународни организации да ја зголемат својата моќ и своето влијание. Ако си сам и изолиран не можеш да бидеш демократска и богата држава", порача Пендаровски.
Тој порача дека Македонија мора да го гледа својот стратешки интерес.
„Ние мораме да гледаме каде е нашиот стратешки интерес и притоа мораме на сите да им кажуваме дека нашето влегување во НАТО и ЕУ нема никаква зла намера кон Русија, Кина, кон било кој друг кој не е во тие организации", истакна Пендаровски.
Запрашан да го коментира руското влијание врз македонската политичка сцена, Пендаровски рече дека руското присуство е засилено во изминатите три години не само во земјата, туку и во регионот, како и дека тоа е неспорно и легитимно, додајвајќи дека сега првпат се јавуваат партии во земјава кои се декларираат проруски.
Говорејќи за бенефитите од членството на Македонија во НАТО, Пендаровски истакна дека единствен од големите стратешки проекти кој е поддржуван од сите етнички заедници во Македонија е членството во НАТО, што според него е најсилен кохезивен фактор во општеството.
Исто така, во однос на бенефитите од членството во НАТО, Пендаровски изјави дека државите членуваат во оваа алијанса и со цел да одговорат на новите безбедносни предизвици како што се сајбер напади, асиметрични закани, хибридни војни, но и заради соработка и споделување на разузнавачки информации и спречување на напади.
Пендаровски го наведе и проблемот со повратници од блискоисточните војни, за кои рече дека постојат и во Македонија, при што рече:
„Два напади за изминатите 18 месеци на македонска територија од такви луѓе се попречени откако добивме разузнавачки податоци од нашите партнери и пријатели од Западот. И еден напад во еден голем западно европски град е попоречен откако нашите служби добија податок од човек кој се врати од Сирија и го проследивме таму."
Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство, Пендаровски го оцени како најдоброто нешто што можело да се има во овој политички контекст.
За одлуката на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов да не го потпише Законот за ратификација на Договорот со Грција, рече тоа било очекувано.
За претстојниот референдум најавен за наесен на кој граѓаните ќе се изјаснат за Договорот со Грција, Пендаровски истакна дека доколку евентуално на референдумот граѓаните се изјаснат со „не“ за договорот, во тој случај преговорите ќе продолжат во идно време со некоја идна генерација на политичари.
Од друга страна, за тоа каков е интересот на НАТО, да во оваа Алијасна членува земја како Македонија Пендаровски посочи: „Македонија има таква територија на јужно крило на НАТО и бидејќи сакаат да го закружат проектот во кој сите држави од Западен Балкан би биле во Алијансата инаку би имале 'слепо црево' и од безбедносен аспект."
Според него, „битно е да оваа територија биде дефинирана, кому припаѓа, каде оди, дел од која Алијанса е, а не да биде 'ничија земја' во која можат да шпартаат и терористички организации и паравоени структури, па и држави."
Во рамките на настанот, на присутните им се обрати и претседателот на ИСД, Туна Ејуп Кахвеџи кој истакна дека ова е прв настан организиран од Институтот за стратегија и развој основан пред осум месеци, од граѓани на Република Македонија, активни во различни сфери од општественот живот.