Agim Sulaj
02 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) по четиримесечни преговори денеска постигнаа договор за формирање на Владата на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа го потврдија лидерите на Самоопределување и Демократскиот сојуз, Албин Курти и Иса Мустафа, за време на прес-конференцијата одржана во косовскиот Парламент.
Претседателот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, истакна дека потпишале договор со коалицискиот партнер Демократскиот сојуз на Косово. „Веќе го потпишавме договорот, се согласивме за сѐ, освен за хармонизација на програмата и споделување на одговорностите во рамки на новата влада“, рече Курти.
Иако на почетокот на преговорите Движењето Самоопределување планираше новата влада да има 12 министерства, Курти на прес-конференцијата нагласи дека донеле одлука во новата влада да има 15 министерства, двајца вицепремиери и околу 33 заменици-министри.
Курти истакна дека Глаук Конјуфца, кој беше избран за претседател на Парламентот од страна на Движењето Самоопределување, ќе биде дел од Владата, додека ВВ за претседател на Парламентот ќе предложи кандидат од ЛДК.
Претседателот на ЛДК, Иса Мустафа, рече дека договорот постигнат со Движењето Самоопределување е одличен и е во корист на Косово, во корист на промените, кои, според него се неопходни во земјата.
Мустафа нагласи дека овој договор е резултат на разбирањето и заедничката работа на Движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово.
„Што се однесува до претседателот, се согласивме тоа да не биде дел од договорот којшто денеска го потпишавме. Ќе биде едно прашање за кое ќе се договараме јас и Курти како политички лидери“, истакна Мустафа.
Инаку, на 20 јануари Албин Курти доби мандат за формирање на Владата од страна на претседателот на Косово, Хашим Тачи. Утре во косовскиот Парламент ќе се одржи седница на која се очекува да бида изгласана новата влада.