Besar Ademi
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од шест артилериски орудија од страна на артилерискиот баталјон на Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно беше извршена пробна артилериска стрелба со еден плотун од шест артилериски орудија.
Централната прослава по повод Денот на независноста, ќе се одржи утревечер, сабота, пред Владата на Република Македонија, каде што ќе се обрати македонскиот премиер Зоран Заев.
Во текот на утрешниот ден, најавена е посета на германската канцеларка Ангела Меркел, која ќе оствари средба со премиерот Заев, но сѐ уште не е потврдено дали ќе присуствува на централната прослава по повод независноста.
Инаку, Република Македонија утре ќе ја одбележи 27-годишнината од успешниот референдум во кој македонските граѓани се изјаснија за независна и суверена држава. На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство - 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Комисијата констатираше масовност на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјаснија за самостојна и суверена Македонија.
На референдумот му претходеше Декларација за независноста, која првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија ја усвои на 25 јануари во 1991 година.
По 27 години од независноста на Република Македонија, членството во Европската Унија (ЕУ) и НАТО, градење институции кои им служат на граѓаните и подобрување на економскиот статус и квалитетот на животот, остануваат главните цели на земјата.