Dzihat Aliju
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Бројот на смртни случаи од западнонилска треска се искачи на 10 во земјата, откако почина 70-годишен пациент, јавува Анадолу.
Директорот на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше за состојбата со западнонилска треска во земјата.
Цана посочи дека починатиот 57 дена бил на Одделот за интензивна нега на клиниката, но и покрај сите преземени мерки и постапки, во текот на викендот починал.
„Има само еден нов потврден прием од 25 септември. Инаку, вкупно на клиниката се хоспитализирани седум пациенти, од кои двајца со потешка клиничка слика“, рече тој.
Тој додаде дека досега вкупно 67 случаи со невроинвазивна форма на болеста се хоспитализирани на клиниката, од кои 10 се починати, 50 се излекувани, а седум во моментот се во оваа јавна здравствена установа.