Почна собраниската седница за реконструкција на Владата на Северна Македонија
- Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред пратениците изјави дека функцијата не е цел сама по себе, туку средство преку кое се служи на народот
Elena Trenchevska Chekovic
13 Јули 2026•Ажурирано: 13 Јули 2026
photo: Umeys Sulejman / AA
СКОПЈЕ
Во Собранието на Северна Македонија почна 112. седница на која треба да бидат разрешени и избрани нови членови на Владата, во рамки на најавената реконструкција на владиниот состав, јавува Анадолу.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред пратениците изјави дека функцијата не е цел сама по себе, туку средство преку кое се служи на народот.
Фотографија : Umeys Sulejman/AA
„Со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека министрите за кои се предлага разрешување се луѓе со чест и достоинство и дека не станува збор за луѓе кои не работеле, туку за оние кои дале придонес во реализацијата на владината програма.
Предложени се промени во повеќе ресори, меѓу кои Министерството за правда, здравство, култура и туризам, земјоделство, шумарство и водостопанство, социјална политика, демографија и млади, како и Министерството за односи меѓу заедниците.
Собраниската расправа за предлогот за разрешување членови на Владата, согласно со Деловникот, може да трае најмногу два дена, по што новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.