Fatjon Cuka,Furkan Abdula
10 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
ТИРАНА (АА) - Пратеничката од Европскиот парламент (ЕП), Елени Теокарус, прогласена е за непожелна личност во Албанија поради нејзиното учество и нејзините изјави на погребалната церемонија на Константинос Кацифас, припадник на грчкото малцинство во Албанија, кој на 28 октомври загина по оружениот судир со полицијата во албанскиот град Ѓирокастро, јавува Anadolu Agency (AA).
Глевин Дервиши, регионален советник на албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Дитмир Бушати, во изјава за медиумите ја потврди оваа одлука.
Тој информираше дека албанското Министерство за Европа и надворешни работи упатило предлог до Министерството за внатрешни работи, за прогласување на Теокарус за непожелна личност, и дека по направената проценка, Министерството за внатрешни работи го потврдило барањето на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, при што Теокарус е прогласена за непожелна личност во земјата.
Дервиши рече дека оваа одлука е донесена како резултат на задолжителната уставна и законска реакција на албанските институции против повтореното екстремистичко однесување на Теокарус.
Инаку, Кацифас на 28 октомври, за време на една комеморативна програма за грчките војници кои го загубиле својот живот за време на борбата на Грција против Италијанците во рамки на Втората светска војна, првин со оружје пукаше во воздух, а потоа отвори оган врз полицајците. Во оружениот судир со полицајците, тој го загуби својот живот.
По овој случај, амбасадорката на Грција во Тирана, Елени Сурани, двапати беше повикана на разговор во албанското Министерство за надворешни работи.
По убиството на Кацифас, група припадници на екстремно десничарска група, во грчкиот главен град Атина извикуваа расистички пароли и запалија албанско знаме додека одржуваа демонстрации пред Амбасадата на Албанија во Атина.
Меѓу другото, стотици државјани на Грција, меѓу кои и европратеничката Теокарус, со автобуси дојдоа во Албанија, со цел да учествуваат на погребалната церемонија на Кацифас која се одржи на 8 ноември.
На погребалната церемонија учествуваа граѓани припадници на грчкото малцинство во Албанија, како и пратениците кои ги застапуваат нив. За време на церемонијата, присутните извикуваа пароли против Албанија и носеа симболи на Грција.
Исто така, вчера 52 државјани на Грција беа прогласени за непожелни личности во Албанија поради случајот за време на погребалната церемонија на Кацифас.