Husamedin Gina
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, апелира до сите граѓани пописот на населението да го сфатат многу сериозно зашто операцијата е во интерес на сите граѓани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска на онлајн прес-конференција ја презентира методологијата за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите кој треба да се одржи во април оваа година.
Истакнувајќи дека пописот на населението претставува најобемно, најмасовно и најскапо статистичко истражување, директорот Апостол Симовски рече дека во методологијата се опишани сите стандарди на пописот, техниките на спроведување и учесниците во пописот.
Симовски се осврна на основните карактеристики на пописот, при што рече дека со пописот се обезбедуваат податоци за најмалите територијални единици, има дефинирана периодика (во случајот 10-годишна), подразбира универзалност, индивидуално попишување и истовременост.
Истакнувајќи дека во јавноста најмногу се дебатирало за прашањето кој го сочинува вкупното резидентно население, Симовски рече дека со методологијата прашањето е прецизирано.
Директорот Симовски, наведувајќи дека апликацијата за попишување на граѓаните кои се во странство е готова и дека ќе биде во функција од 1 март, рече дека таа апликација е максимално безбедна, ниту едно лице од Северна Македонија не ќе може да се вклучи во тоа и дека ќе биде можно вклучување од странство со посебна процедура.
Во однос на тоа на колку прашања ќе одговараат граѓаните, Симовски рече дека тоа зависи од профилот на лицето и дека ќе се прифаќаат само целосно пополнетите прашалници.
Директорот Симовски исто така информира дека ќе има најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии.
На новинарско прашање, дали е можно бојкот на пописот бидејќи во последниот период има политички изјави во таа насока, директорот Симовски рече дека користењето на овие податоци е исклучително важно во креирањето политики во интерес на граѓаните.
„Ние апелираме до сите граѓани да ја сфатат оваа операција многу сериозно. Ова е операција која е во интерес на сите граѓани, значи, користењето на овие податоци е исклучително важно во креирањето политики во интерес на граѓаните“, нагласи Апостол Симовски, додавајќи дека граѓанинот само може да изгуби ако одбие да даде податоци.
Основната цел на пописот ќе биде да се утврди бројот на населението и неговиот територијален распоред и да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките, миграциските и другите белези на населението.
Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето функционира на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.
Во земјата првиот попис е одржан во 1948 година. Досега се спроведени осум пописи, а последниот во 2002 година, според кој бројот на населението изнесуваше 2.022.547. Во 2011 година почна да се реализира попис, кој беше прекинат, откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективна и неотповиклива оставка.