Senada Ibraimova
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржува тридневната Меѓународна конференција на тема „Емиграциско прашање: нова европска политика за социјална кохезија“, во организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата се дискутира на теми за работниците и работничките права, а посебен акцент ќе биде ставен на социјалниот дијалог и на партнерството.
Според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ова е одлична можност со европските претставници на синдикатите да се направи компарација во однос на работничките права и социјалниот дијалог и партнерство.
„На оваа конференција очекуваме да излеземе со многу искуства коишто ќе ни бидат од големо значење, да видиме каде се наоѓа Македонија по ова прашање. Да видиме како функционираат европските синдикати и кој е нивниот правец за надминување на состојбите во Македонија, на полето на синдикатите и социјалното партнерство“, изјави Неделков.
Тој додаде дека работничните права во Македонија ќе се подобрат кога синдикатите ќе бидат функционални, односно кога ќе вршат вистински синдикални активности и ќе се залагаат, како што рече, исклучиво за правата на работниците.
Заменик-претседателот на Христијанското работничко движење од Италија (МЦЛ) и ко-претседател на Европскиот центар за работнички прашања (ЕЗА), Пјерџорџио Скиачуа нагласи дека за државите што се пред влез во ЕУ е најважен социјалниот дијалог.
„Целта на оваа наша средба е да создадеме партнери и во оваа држава, кои ќе работат заедно со нас на таа социјална кохезија, бидејќи како што реков, таа претставува еден од основните столбови на ЕУ“, истакна Скиачуа.
Според него, во Македонија треба многу да се работи на оваа тема, но тој смета дека треба да се почне од јадрото на проблемот.
На конференцијата учествуваат претставници од работнички синдикати од околу 10 држави, меѓу кои од Албанија, Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Италија и од други земји.