Ekipa
04 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
ЉУБЉАНА (АА) - На парламентарните избори коишто се одржа вчера во Словенија според прелиминарните резултати победа оствари Словенечката демократска партија (SDS) на чие чело се наоѓа Јанез Јанша, јавува Anadolu Agency (AA).
Изборната комисија на Словенија ги соопшти прелиминарните резултати врз основа на околу 90 отсто од пребројаните гласачки ливчиња.
Словенечката демократска партија (SDS) освои околу 25 отсто од гласовите, а со околу 12 отсто од освоените гласови, на второ место се наоѓа Листата на Марјан Шарец.
На трето место со освоени десет отсто од гласовите се Социјалдемократите (СД), додека Партијата на модерен центар (SMC) на Миро Церар и Левицата добија по девет отсто од гласовите.
Според последните информации, во Парламентот ќе влезат девет од вкупно 25 партии кои учествуваа на изборите.
Се очекува словенечкиот претседател Борут Пахор да го именува Јанша за мандатар за состав на идната влада. Извесно е дека го чека тешка работа во преговорите за идната коалициска влада, со оглед дека Левицата и Листата на Марјан Шарец веќе категорички одбија каква било можност за коалицирање со Јанша, кого го обвинуваат за радикална и антимигрантска политика по примерот на унгарскиот премиер и негов пријател, Виктор Орбан.
Јанша на функцијата премиер на Словенија беше од 2004 до 2008 година и од 2012 до 2013 година, а по дознавањето на прелиминарните резултати порача дека неговата Словенечка демократска партија (SDS) е отворена за соработка, преговори и коалицирање. Тој додаде дека, доколку формира влада, ќе ја води земјата праведно за сите граѓани.