Malik Hasa
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
ТИРАНА (АА) - Под водство на претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, денес се состана Националниот совет за безбедност за да дискутира, да ги анализира и да ги координира активностите и напорите во врска со прашањето познато како прашањето „Балили“, како и за да се разговара за борбата против трговијата со дрога во Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на претседателството на Албанија се вели дека Нишани на состанокот рекол оти прашањето „Балили“ е надвор од национално ниво и ја надминува поединечната големина на случајот, поради тоа што се протега и ескалира географски во некои соседни земји.
Претседателот на Собранието, Илир Мета, во својот говор рече дека овој случај предизвикува не само голема јавна загриженост со висока чувствителност, туку, исто така, го привлекува вниманието на сојузниците, особено во САД, како и на меѓународните безбедносни институции.
Во соопштението се наведува дека учесниците дискутирале и за институционалната дејност и за подобра координација на сите безбедносни институции со меѓународните партнери за борба против организираниот криминал и трговијата со дрога.
Инаку, Клемент Балили се бара од страна на албанската полиција, по потерницата издадена од страна на грчките власти, под обвинение за трговија со дрога. Веќе неколку месеци продолжуваат операциите за негово апсење откако, наводно, се наоѓа во земјата.