Admir Fazlagic
30 Мај 2020•Ажурирај: 31 Мај 2020
СКОПЈЕ
Вршителот на должноста реис-ул-улема на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Република Северна Македонија, хаџи хафиз Шаќир Фетаху, во своето обраќање до јавноста порача дека на достоинствен начин ќе ја извршува улогата на носител на мирот, просперитетот, единството и солидарноста во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вршителот на должноста реис-ул-улема на ИВЗ на Северна Македонија, Фетаху, го посети седиштето на ИВЗ во Скопје и ја одржа првата прес-конференција откако е именуван на оваа функција.
Во своето обраќање Фетаху истакна дека му претставува чест да зборува како претседател на ИВЗ на Северна Македонија, изјавувајќи дека тоа е титула која му е доверена како аманет да ја извршува со голема одговорност. Фетаху рече дека должноста претседател на ИВЗ е почитувана и духовна одговорност.
„Исламската верска заедница на Северна Македонија е единствена организација која го организира верскиот живот на муслиманите дома и во странство. ИВЗ го базира своето делување на Куранот, сунет и нејзиниот Статут, на правните акти кои произлегуваат од нив, како и Законот за правната позиција на верските заедници и религозни групи“, рече Фетаху.
Исто така, во својот говор до јавноста, в. д. претседателот на ИВЗ, Фетаху, истакна и дека „духот на верувањето го учи човекот да ги почитува другите, да ги прифаќа промените и да биде кооперативен со заедничка цел за развој на општеството, еманципација, интегрирање и негова едукација“.
Тој изјави дека ИВЗ во Северна Македонија во својата институционална активност одигра важна улога во едукацијата и образованието на помладата генерација, што ќе биде важен фактор за стабилизирање и развој на ИВЗ во одржување на мирот и социјалната стабилност, едукацијата и моралот на ова поднебје.
„Институционалната култура е едно од најважните средства за правилно функционирање на институцијата и во овој поглед во иднина ќе бидат преземени некои конкретни чекори за реорганизација на највисоката верска институција“, потенцираше Фетаху и порача:
„Наше очекување и желба е ИВЗ како сериозна институција да се земе како референтен центар за сите други институции. Верувам дека оваа институција ќе биде многу сериозна во исполнувањето на очекуваните услуги и на многу достоинствен начин ќе ја извршувам улогата на носител на мирот, просперитетот, единството и солидарноста во земјата.“
Потсетуваме, поранешниот претседател на ИВЗ на Северна Македонија, Сулејман Реџепи, преку писмено соопштение објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата реис-ул-улема на ИВЗ.
На 27 мај, Ријасетот на ИВЗ на Северна Македонија одржа вонредна седница на која донесе одлука за разрешување на досегашниот претседател Сулејман Реџепи, а го именуваше гостиварскиот муфтија хаџи хафиз Шаќир Фетаху за вршител на должноста претседател на ИВЗ до подготвување на условите за нови избори за претседател на ИВЗ на Северна Македонија.