Agim Sulaj
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Во главниот град на Косово, Приштина, додека останува помалку од еден час до изрекувањето на пресудата од Специјалниот суд во Хаг, на улиците нема знаци на поголема раздвиженост, јавува Анадолу.
Градот го продолжува својот вообичаен ритам, додека знамињата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) истакнати на разни јавни и приватни простори се издвојуваат на плоштадите и улиците.
Утринава, на минарињата на џамиите во Косово истакнати беа и знамиња, по одлуката на муфтијата на Косово, Наим Тернава, „како знак на солидарност со ослободителите на Косово“.
Група граѓани се собраа на Плоштадот „Скендербег“ – во близина на екранот што го прикажува одбројувањето до пресудата и на кој се прикажани профилите на четворицата поранешни лидери на ОВК (Тачи, Весели, Красниќи и Селими) – за да го дочекаат нејзиното објавување.
Снимките на социјалните мрежи исто така прикажуваат голема група граѓани собрани во близина на Специјалниот суд во Хаг, кои чекаат со знамиња и песни.
Се очекува денес во 10:00 часот да биде објавена пресудата за Тачи, Весели, Селими и Красниќи, во судскиот процес што привлече значително внимание во Косово и во регионот.
Тачи и останатите се соочуваат со обвиненија за „воени злосторства“ и „злосторства против човештвото“, а сите се изјаснија дека не се виновни.