Fatjon Cuka
27 Август 2017•Ажурирај: 28 Август 2017
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, а воедно и претседател на Социјалистичката партија (ПС), Еди Рама, денес ја претстави новата структура на Советот на министри на Албанија, како и новите имиња кои ќе бидат дел од владиниот кабинет, јавува Anadolu Agency (AA).
За разлика од претходниот кабинет, новата влада има одредена структура со која некои министерства се споени, а формирани се и нови министерства.
За време на говорот одржан во Национално собрание на Социјалистичката партија на Албанија во Тирана, Рама ги претстави имињата што ќе ги водат министерствата.
Во функција на вицепремиер е предложена Сенида Меси, пратеничка од Скадар, додека владата ќе има две државни министри, односно Пандели Мајко, државен министер за Албанците надвор од границите на Албанија, и Сонила Ќато, државна министерка за заштита на претприемачи.
За министер за внатрешни работи е предложен Фатмир Џафај, Дитмир Бушати за министер за надворешни работи, Олта Џачка за министерка за одбана, Етилда Ѓонај за министерка за правда, Мирела Кумбаро повторно за министерка за култура, Арбен Ахметај за министер за финансии, економија и труд, Линдита Никола за министерка за образование, спорт и млади, Огерта Манастирлиу за министерка за здравство и социјална грижа, Дамиан Ѓикнури како министер за инфраструктура и енергетика, Нико Пелеши за министер за земјоделство и рурален развој, како и Бленди Клоси, предложен за министер за туризам и животна средина.
Рама за функцијата претседател на Собранието на Албанија, го предложи актуелниот претседател на парламентарната група на Социјалистичката партија, Грамоз Ручи.
Потсетуваме, Социјалистичката партија на Албанија победи на парламентарните избори одржани на 25 јуни оваа година, освојувајќи 74 пратенички места во албанското Собрание, составено од 140 пратеници.
Демократската партија на Албанија освои 43 мандати, Социјалистичкото движење за интеграции 19 мандати, Партијата за правда, интеграција и единство 3 мандати, а Социјалдемократската партија освои само едно пратеничко место.
Првата седница на новиот законодавен дом се очекува да се одржи во првата недела на септември, додека новите министри по декретот на претседателот на земјата, Илир Мета, ќе бидат изгласани во Собранието заедно со програмата на новата влада.