AA
30 Септември 2022•Ажурирај: 01 Октомври 2022
БУДВА (АА) ‒ Традиционалниот Самит на министри за финансии, гувернери и директори на даночните администрации на земјите од регионот насловен „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“, се одржа денеска во Будва. Министрите за финансии разговараа за финансиските проблеми со кои се соочуваат нивните земји, при што заеднички заклучија дека зголемената инфлација претставува голем предизвик за целиот регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Самитот учествуваа клучните креатори на фискалната и монетарната политика на сите земји од регионот, претставници на најважните меѓународни финансиски институции и водечки луѓе на најголемите банки, компании и осигурителни компании од целиот регион, кои разговараа за перспективите на регионот по рецесијата предизвикана од пандемијата, но и за предизвиците со кои ќе треба да се соочат финансиските и реалните сектори во втората половина од годината, бидејќи инфлацијата во многу земји собори повеќедецениски рекорди и кои ќе бидат одбележани со рекордни зголемување на цените на храната и енергијата, како и прекинатите синџири на снабдување.
Претседателот на Здружението на економисти на Србија, Александар Влаховиќ, истакна дека е сосема јасно дека целиот свет се соочува со криза од огромни размери и дека тоа има несомнено влијание врз регионот на Западен Балкан.
„Според мислењето на многу економисти, денес се наоѓаме во второто полувреме на кризата, на која барем засега не ѝ се гледа крајот. Се започна пред повеќе од две години, со појавата на коронавирусот, а оваа година со руската агресија врз Украина овие случувања дополнително се забрзаа. Денеска се соочуваме со најголемиот инфлаторен удар во последните 40 години. Нивото на инфлација во САД е над 8 отсто, во ЕУ 10 проценти, во нашиот регион над тоа. Србија има инфлација од 12 отсто, во Црна Гора е 15 отсто, а слична е ситуацијата и во другите земји од регионот. Тој инфлаторен удар ги надмина сите кредибилни очекувања од почетокот на оваа година. Централните банки ги зголемуваат каматните стапки за да го ублажат растот на цените, но мора да внимаваат зголемувањето на каматните стапки да не ја турне економијата во рецесија“, рече Влаховиќ.
Министерот за финансии на Црна Гора, Александар Дамјановиќ, изјави дека во услови на криза соработката меѓу Владата и Парламентот мора да биде многу добра.
„Ние во Црна Гора, во текот на мај, јуни и јули имавме неколку измени на законот, ги намаливме акцизите, го намаливме ДДВ-то за основните прехранбени производи, ја зголемивме минималната пензија. Поради оваа динамика неопходна е синергија меѓу Владата и Собранието. Она кон што ќе се стремиме е едно од прашањата за кои ќе разговараме на Самитот, а тоа е дека додека ја одржуваме стабилноста на јавните финансии, сепак можеме да постигнеме побрзо економско закрепнување, бидејќи само така гледам шанса да се излезе од ова“, рече Дамјановиќ.
Еден од најголемите предизвици за Северна Македонија во моментов е да обезбеди енергетска независност.
„Важно е да произведуваме што повеќе струја од домашни производители и да нѐ чини што е можно помалку. Покрај тоа, важно е да не се запре економскиот развој“, рече Филип Николоски, заменик-министер за финансии на Северна Македонија.
Мирјана Вучиќ, помошник-министерка за финансии на Федерацијата БиХ, оцени дека Владата на Федерацијата навремено одговорила на сите предизвици во областа на јавните финансии. Сепак, таа истакна дека денес се соочуваат со три најголеми предизвици.
„Пред сѐ, тоа е инфлацијата, потоа како да се заузда растот на јавниот долг и она што е специфично за нас, тоа е изборната година кај нас, што дополнително ја усложнува и онака сложената ситуација. Сепак, добивме голема динамика во Федерацијата. Пандемијата ни донесе многу проблеми, невработеноста се зголеми и тоа бараше брза реакција од Владата, која реагираше. Почнавме нов раст, почнаа нови инвестиции“, рече Вучиќ.