СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Во редовниот економски извештај за Западен Балкан, кој денеска го презентираше Светската банка се наведува дека земјите од Западен Балкан забележуваат пораст во бројот на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот, регионалниот пораст се очекува да биде 2,6 отсто во 2017 година, која резултираше со 230.000 нови работни места до јуни, бројка којашто во споредба со минатата година е повисока за 3,8 отсто.
Без оглед на високата стапка на невработеност во шесте земји од овој регион, стапката на вработување во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија како и во Босна и Херцеговина се врати во нивото пред 2008 година, се вели во извештајот на Светската банка, каде што се наведува и дека повеќе од половина од работните места се во приватниот сектор.
Редовниот економски извештај за Западен Балкан, кој овој пат беше презентиран од Приштина, предвидува шесте земји да забележат пораст, така што е предвидено регионалниот пораст да биде 3,3 отсто во 2018 година и 3,6 отсто во 2019 година. Во извештајот се вели дека инвестициите повлекле брз развој во Албанија, Косово и во Црна Гора, а вложувањата дале придонес за стабилен развој во Босна и Херцеговина.
Што се однесува до Македонија, извештајот наведува дека политичката криза негативно влијаела врз растот во оваа земја, а пак во Србија, истото го направила студената зима. Босна и Херцеговина оваа година ќе има раст од 3,0 отсто, и во следните две години се очекува 3,2 и 3,4 отсто.
Косово оваа година ќе има раст од 4,4 отсто, додека во следните две години 4,8 и 4,8 отсто. Македонија 2017 година ќе ја заврши со раст од 1,5 отсто, а во следните две години се очекува раст од 3,2 и 3,9 отсто. Црна Гора оваа година ќе ја заврши со 2,9 отсто раст, а во следните две години се очекува раст од 2,8 и 2,5 отсто. Србија годината ќе ја заврши со 2,0 отсто, а во следните две години се очекува раст од 3,0 и 3,5 отсто.
„Охрабрувачки е да видиме дека во период од една декада од глобалната финансиска криза, вработувањето конечно е вратено на нивото пред кризата во најголемиот дел од регионот“, се вели во писменото соопштение на Линда Ван Гелер, директорка на Светската банка за земјите од Западен Балкан. Економскиот раст заедно со новите работни места влијаеја на намалувањето на стапката на сиромаштија, вели Светската банка, според која, 124.000 лица го минале прагот на сиромаштија.
- Македонија со највисока стапка на невработеност во регионот
Бојан Шимбов, економист од канцеларијата на Светската банка во Скопје, го претстави шестмесечниот извештај за Македонија, при што истакна дека политичката криза што ја погоди земјата во 2015 година и кулминираше со изборот на новата влада во јуни 2017 година, ги наруши економските активности во текот на целиот период.
Сепак, Светската банка забележува дека покрај забавената економска активност во првиот дел од 2017 година, создадени се 14.000 нови работни места, со што невработеноста забележа намалување од 2,7 отсто.
„Македонија има една од највисоките стапки на невработеност во регионот, па така, нашата препорака е властите да продолжат со напорите за справување со овој феномен. Тука, исто така, би ги напоменал не само високото ниво на општата невработеност, туку и високото ниво на долгорочна невработеност, особено кај младите“, рече Шимбов.
Тој изрази оптимизам за наредниот период, бидејќи, како што рече, главната пречка за економскиот развој во Македонија, политичката криза, веќе е надмината. Затоа, предвидувањата се дека земјата во следните две години ќе има раст од 3,2 и 3,9 отсто.
- „Економската експанзија во Албанија создаде работни места“
Светската банка предвидува растот во Албанија оваа година да биде 3,8 отсто, 3,6 отсто во 2018 година и 3,5 отсто во 2019 година.
Според извештајот на Светската банка, економската експанзија во Албанија создаде работни места. Исто така, во извештајот се наведува дека за да се забрза растот, ќе биде важно Албанија да го забрза процесот на реформите за консолидација на јавните финансии, подобрување на ефикасноста на трошоците, да ги намали ризиците од енергетскиот и финансискиот сектор.
Во Албанија, нето-извозот позитивно придонесе во првата половина од 2017 година, а главните поттикнувачи на економскиот раст во земјата се градежниот сектор и секторот на услуги. Според извештајот, економската перспектива на среден рок за Албанија е позитивна, иако се предвидува просечен раст.
- „Косово забележа раст во вработувањето“
Агим Демукај, економист во канцеларијата на Светската банка во Приштина, кој го претстави извештајот во Косово, истакна дека Косово забележа пораст на вработувањето. Како што рече тој, вработувањето во оваа земја се зголеми за 8,5 отсто, пред сѐ, во градежниот и во индустрискиот сектор.
Тој нагласи дека, исто така, зголемени се директните странски инвестиции коишто се поврзуваат со косовската дијаспора, пред сѐ, од европските земји како Германија, Швајцарија, Австрија, Италија и Турција. Во однос на порастот на кредитирањето, Демукај вели дека подобрените услови на пазарот, како и ниските каматни стапки во Косово го поттикнуваат растот на приватното кредитирање.