Abdula Berisha
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Северна Македонија, Шаќир Фетаи, преку јавен апел ги повика сите муслимански верници и граѓани на земјата на постојана грижа и посветеност во битката против коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во јавниот апел се истакнува дека зачувувањето на човечкиот живот и здравје е една од основните должности и потреби на исламската религија.
„Заштитата на човекот е една од главните цели на исламскиот закон и на Алах, затоа, врз основа на овој принцип, Исламската верска заедница на Република Северна Македонија им се обраќа на сите верници и граѓани со овој јавен повик за постојана грижа и посветеност во битката против вирусот Ковид-19“, стои во соопштението.
Исто така се истакнува дека муслиманите на Северна Македонија покажале сериозност и непобитен ангажман во спречувањето на ширењето на вирусот Ковид-19 и ги почитувале и државните и одлуките на ИВЗ.
Но, како што стои во соопштението, имајќи предвид дека неодамна состојбата со пандемијата во Северна Македонија се влошила и дека има значително зголемување на бројот на заразени, а исто така и бројот на починати, ИВЗ апелира до сите муслимански верници и граѓани да продолжат максимално да се придржуваат до препораките, упатствата и антиковид мерките издадени од одговорните државни институции, со цел сопствена заштита, заштита на семејството и општеството.
„Потсетувајќи дека сите ние, без исклучок, сме одговорни пред општеството и пред сè пред Возвишениот Алах, ние мора да ја следиме Неговата порака во Куранот: 'И не водете се кон уништување, туку правете добро; Алах навистина го сака добродетелот'. Уште еднаш, изразуваме искрена благодарност за посветеноста и саможртвата на целиот медицински персонал кој, од почетокот на оваа пандемија, е на должност. Алах нека ги награди и нека нè заштити сите нас!“, стои во соопштението.
Според вчерашните податоци на Министерството за здравство, вкупниот број на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 112.646, од кои 3.319 починале, а излекувани се 97.687 лица.