Zylfije Adem Jakupi
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) - Неколку илјади Срби денеска мирно протестираа во Грачаница, против, како што истакнаа, „институционалното насилство“, кое над нив го спроведуваат косовските институции, кои им оневозможуваат да гласаат на српските избори на 3 април, јавува Агенција Анадолија (АА).
Главниот транспарент на протестот низ центарот на Грачаница беше „Со мир против насилството на Курти“, а учесниците на протестот од сите српски општини јужно од реката Ибар носеа и пароли на кои пишуваше „Стоп на теророт на Курти“, „Само си ги сакаме правата“, „Европо, запри го изживувањето на Курти“ и други.
На медиумите им се обрати Дилибор Јевтиќ, потпретседателот на Српската листа и градоначалникот на Штрпце, кој соопшти дека претставниците на Србите ја прекинале работата во косовските институции.
„Сите обвинители и судии Срби утринава ги напуштија канцелариите по суспендирањето на претседателката на Основниот суд во Митровица и сите политички претставници на Србите ја прекинаа својата работа со јасна порака, правата да се почитуваат и да се престане со институционалното насилство над нас“, рече Јевтиќ.
Истакна дека на Србите им е оневозможено да го искористат своето право на глас на српските избори и дека косовската власт сака да ги понижи Србите и да ги протера од овие простори. Србите сакаат да се борат на демократски начин, но бараат институционална заштита.
„Порачуваме дека целта ни е да се бориме демократски и дека одговорноста е на сите, како на оние кои денес ја сочинуваат власта во Приштина, така и на претставниците на меѓународната заедница од која бараме институционална заштита“, рече Јевтиќ.
Поради учеството на состанокот кај Вучиќ во Белград, Судскиот совет на Косово вчера ја суспендира претседателката на Основниот суд во Митровица, Лилјана Стевановиќ. Полицискиот инспекторат, исто така соопшти дека се разгледува прашањето за учеството на припадниците на косовската полиција на состанокот во Белград.
По повод суспендирањето на Лилјана Стевановиќ, српскиот претседател оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти, решил да ги нападне Србите и да го сруши мирот, и дека поради кршењето на Бриселскиот договор тој договор веќе не постои.
Стевановиќ со многу други политички и институционални претставници на косовските Срби на 22 март присуствуваше на состанокот во Белград кај Вучиќ на кој се разговараше за одлуката на Владата на Косово да не дозволи одржување на избори во Србија на територијата на Косово.
Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека Владата на Косово не одлучила српските парламентарни и претседателски избори да не се одржат во Косово на 3 април, туку дека не постои претходен договор помеѓу Косово и Србија за нивно одржување. Курти рече дека не се согласил договорот да биде склучен во рамките на предложеното допишување помеѓу офицерите за врски помеѓу Белград и Приштина.