Fatjon Cuka
04 Август 2017•Ажурирај: 04 Август 2017
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, оствари средба со министерот надлежен за странски инвестиции на Македонија, Рамиз Мерко, на којашто фокусот беше ставен на зголемувањето на економската соработка меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение објавено денеска од страна на Министерството за надворешни работи на Албанија, се вели дека на состанокот била „oценета конструктивната улога на албанскиот политички фактор во новата влада, како и континуираниот придонес за европеизација од страна на албанското население кон интересите на државата”.
„Во овој контекст, двајцата министри, исто така, истакнаа дека забрзувањето на Законот за употреба на јазиците и сите други правни чекори во рамките на планот 3-6-9 за зајакнување на социјалната кохезија и постигнување на етничка еднаквост е предуслов за унапредување на евро-атлантската перспектива на Македонија. Исто така, порастот на економската соработка и начините за максимално користење на потенцијалот што постои меѓу Албанија и Македонија, беа во фокусот на состанокот”, се истакнува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Албанија.
Според соопштението, промоцијата на инфраструктурните и енергетските проекти, зајакнувањето на прекуграничната соработка, со влијание во развојната оска меѓу двете земји и поврзувањето на регионот, остануваат приоритет и основна цел на следниот состанок меѓу двете влади.
Мерко денеска оствари средба и со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, додека за време на посетата тој претходно се состана и со претседателот на Албанија, Илир Мета, претставници на стопанските комори во Тирана, како и со претставници на бизнис-секторот.
Потсетуваме дека пред неколку дена Албанија ја посетија министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.
За време на средбата во Тирана со својот македонски колега на 25 јули оваа година, министерот за надворешни работи на Албанија Бушати потврди дека во есента оваа година, албанската и македонската влада ќе одржат заедничка седница.