Abdulbesar Ademi
30 Јули 2021•Ажурирај: 31 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц, во рамки на нејзината посета на Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи, на заедничката прес-конференција по средбата се осврна на иницијативата „Отворен Балкан“, нагласувајќи дека регионот има потреба за подлабока соработка, и за, како што рече тој, „дефрагментација на веќе фрагментираниот пазар“, кој, според него, не е атрактивен ниту за странски инвеститори, ниту пак го ослободува целиот потенцијал што го има во однос на трговската соработка во регионот.
Османи истакна дека во регионот постојат над 70 иницијативи, и дека секоја од нив има свој придонес да биде дополнителна вредност за продлабочување на оваа соработка.
„Оваа последна иницијатива ја сметам како иницијатива во обид да се додаде дополнителна вредност во рамки на продлабочување на регионалната соработка, без обид да се неутрализира ефектот на другите регионални иницијативи кои постојат“, нагласи Османи.
Тој нагласи дека за секоја регионална иницијатива треба да се вложи напор за да се објаснат и анализираат, и потоа секоја земја од регионот да ги донесе своите одлуки што се однесува до приклучувањето во една или во друга иницијатива.
„Потсетувам дека оваа иницијатива треба да помине низ бројни научни анализи за да ги видиме политичките и економските придобивки кои може да ги има, и потоа секоја земја да ги донесе своите одлуки во рамки на овие анализи“, додаде Османи.
Косовската министерка Гервала-Шварц исто така се осврна на иницијативата „Отворен Балкан“ и ја опиша како „паралелна иницијатива“, нагласувајќи дека таа е ризична за регионот.
Запрашана за коментар во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, Гервала-Шварц рече дека без да се негира правото на ниту една држава да ги донесе своите одлуки за тоа во која иницијатива сака да учествува, Косово оваа иницијатива ја смета за ризична, бидејќи, како што рече, се создава пораката дека регионот има друга алтернатива за својот пат кон ЕУ.
Нагласи дека земјите од Западен Балкан веќе имаат заеднички регионален процес, односно Берлинскиот процес.
„Во оваа иницијатива Република Косово е рамноправен партнер со петте други земји од Балканот, и ние сметаме дека отворање на паралелни иницијативи кои во суштина не претставуваат нешто ново, е ризично за тоа како ние се гледаме себеси во регионот, но и за тоа како нѐ гледа ЕУ“, додаде таа.
Косовската министерка потенцира дека иницијативата „Отворен Балкан“ исто така ги доведува во прашање и геостратешките определби кои ги има регионот на Западен Балкан.
„Во нашиот регион сите земји немаат иста геостратешка определба. Северна Македонија, Косово се многу јасно фокусирани како држави кои за нивна крајна цел ја имаат интеграцијата во ЕУ. Северна Македонија е членка на НАТО, ние сакаме да направиме сѐ за да се зачлениме во НАТО и затоа нашите геостратешки цели се многу јасни, но такво нешто не може да се каже за сите земји во регионот“, истакна Гервала-Шварц.
Инаку, вчера во Скопје се одржа Економскиот форум за регионална соработка, на кој, меѓу другото, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го именуваа како „Отворен Балкан“, таканаречената иницијатива „Мини-шенген“.
Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина моментално не ја поддржуваат оваа иницијатива, зашто ја сметаат дека е без јасни цели за регионот, додека трите земји учеснички во иницијативата велат дека крајната цел на оваа иницијатива е заедничката ангажираност во елиминирање на сите пречки за слободно движење на луѓето, стоката, услугите и капиталот.