Furkan Abdula
11 Септември 2023•Ажурирај: 11 Септември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари билатерални средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, на маргините на состанокот на лидерите од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони во Скопје, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, на средбата со косовската претседателка Вјоса Османи било изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави - пријателски, динамични и засновани на меѓусебно почитување.
„Беше констатирано дека унапредувањето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе придонесе за напредокот, стабилноста и безбедноста на целиот регион. Соговорниците го реафирмираа интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската, и се заложија за активен придонес за да имаме инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион“, се вели во соопштението во врска со средбата помеѓу Пендаровски и Османи.

Меѓу другото, во соопштението се наведува дека и на средбата со албанскиот претседател Бајрам Бегај било изразено задоволство од континуираниот политички дијалог и севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави, како и очекување за јакнење на соработката во областите од заемен интерес.
„Беше посочено дека како сојузници во НАТО, двете држави се подготвени за збогатување на меѓусебната соработка, со цел уште поактивен придонес за безбедноста во регионот и пошироко. Соговорниците разменија мислења и информации за европските интеграции на Северна Македонија и Албанија, при што оценија дека забрзувањето на овие процеси позитивно ќе се одрази врз целиот регион и е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија“, се додава во соопштението по повод средбата помеѓу Пендаровски и Бегај.