Ekip
31 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Февруари 2019
БУКУРЕШТ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес истакна дека очекува наскоро земјите сојузнички на НАТО да го потпишат Протоколот за пристапување на Македонија, откако земјата се согласи да го промени своето име по неколкудеценискиот спор со Грција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овие коментари шефот на НАТО ги даде за време на заедничката прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис, по состанокот одржан во Букурешт.
Истакнувајќи дека на средбата е разговаравно и за континуираната политика на НАТО на отворени врати, Столтенберг ги пофали Скопје и Атина.
„Им упатувам честитки на премиерот Ципрас и премиерот Заев за нивната храброст и силното лидерство, за тоа што спорот за името го направија минато. Сега гледаме кон иднината. Очекувам сите 29 (земји) сојузници наскоро да го потпишат Протоколот за пристапување“, нагласи тој.
„Откако сите 29 земји сојузнички ќе го ратификуваат Протоколот, ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на Република Северна Македонија како 30. земја членка на НАТО“, додаде Столтенберг.
Тој истакна дека примањето на државата во НАТО ќе ги консолидира мирот и стабилноста во регионот и во Европа како целина.
Грчкиот Парламент минатиот петок го ратификуваше Договорот постигнат со Македонија (Преспанскиот договор), кој предвидува промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија.
Преспанскиот договор беше потпишан во јуни минатата година од страна на владите на Македонија и Грција, чија имплементација е предуслов за членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Пред да биде ратификуван Договорот во грчкиот Парламент, Собранието на Македонија Преспанскиот договор го ратификуваше на 11 јануари оваа година, со поддршка од двотретинско мнозинство.