Admir Fazlagic
18 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој престоува во официјална посета на Република Македонија изјави дека НАТО и понатаму ќе остане со со значителни воени сили во Косово, истакнуваќи дека НАТО го осудува убиството на Оливер Ивановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг, кој одржа заедничка прес конференција со премиерот на Република Македонија Зоран Заев, запрашан за безбедносната состојбата во регионот изјави дека НАТО и понатаму ќе биде присутен во регионот и ќе работи со своите партнери за натамошна стабилизација во регионот.
„НАТО ќе остане со значителни воени сили во Косово, таму се наоѓа и КФОР. Убиството на Олвиер Ивановиќ е нешто што всушност претставува пример за тоа дека состојбата во Косово сеуште не е таква каква што сакаме да биде. НАТО го осудува убиството на Ивановиќ. Од суштинска важност е одговорните за убиството да бидат повикани на одговорност и двете страни да покажат смреност и воздражност. НАТО и понатаму ќе биде присутно за да ги заштитиме сите граѓани во Косово. Работиме со нашите партнери и членки за да го стабилизираме регионот", порача Столтенберг.
Потсетуваме, Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда", беше убиен во вторникот наутро во Северна Митровица. Тој беше еден од клучните политичари во северниот дел на Косово, каде што доминира српското население.
Ивановиќ, кој командуваше со српските паравоени групи во војната во Косово, беше осуден на 9 години затвор во 2016 година за злосторства извршени врз цивили Албанци за време на војната. Врховниот суд ја поништи одлуката во 2017 година и нареди повторно судење.