Senita Şeherçehayiç
20 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, упати писмо до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое наведува дека му било задоволство да го види Вучиќ во Париз во текот на одбележувањето на Денот на примирјето и дека САД го ценат лидерството на Вучиќ, особено во обезбедувањето полна нормализација на односите со Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со оглед на тоа дека влегувате во завршна фаза од постигнување договор со Косово, со кој ќе го донесете долго посакуваниот мир во регионот, Ве охрабрувам да го искористите овој момент и да го употребите политичкото лидерство во донесувањето на одлуките кои би ги задоволиле интересите на двете земји. Би била огромна штета да се пропушти оваа единствена можност за мир, безбедност и економски раст“, се наведува во писмото на Трамп, кое го објави Кабинетот на претседателот на Србија.
Трамп апелираше до двете страни (Србија и Косово) што поскоро да постигнат договор за нормализација и да се воздржат од постапки кои тоа го отежнуваат. Нагласи дека мирни и продуктивни односи на Србија и Косово би биле пресвртница за регионот и дека САД се спремни да помогнат во тоа.
„Договорот помеѓу Србија и Косово е на дофат на рака. Се радувам на можноста Вас и претседателот Хашим Тачи да ве угостам во Белата куќа, за да го прославиме она што ќе претставува историски договор“, се наведува во писмото на Трамп, пренесува Кабинетот на Вучиќ.