Балкан

Уапсен поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета

Апсењето на Мета го потврдија и претставници на партијата што ја предводи, како и еден од неговите адвокати, а се очекува властите да дадат официјално соопштение во наредните часови

Fatjon Cuka  | 21.10.2024 - Обновена : 22.10.2024
Уапсен поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета

ТИРАНА (АА) - Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, кој моментно е лидер на опозициската партија, Партијата на слободата, е уапсен во Тирана, јавува Анадолу.

Апсењето на Мета го потврдија и претставници на партијата што ја предводи, како и еден од неговите адвокати, а се очекува властите да дадат официјално соопштение во наредните часови.

Генералниот секретар на Партијата на слободата, Теди Блуши, во изјавата за медиумите истакна дека „апсењето на Мета е вистински терористички чин“.

Адвокатот на Мета, Генци Ѓокутај, во изјавата за медиумите го оцени апсењето како политичко и потврди дека против него се поднесени повеќе обвиненија.

„Мета пристигна во полицијата по бандитското киднапирање што му беше извршено на улица со незаконско однесување. Начинот на кој беше уапсен е бандитство“, рече Ѓокутај.

Кривичните дела и предметот за кој се товари Мета сѐ уште не се официјално објавени од Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал во Тирана (СПАК).

Во меѓувреме, во медиумите беше објавено дека Мета е уапсен за перење пари, корупција и непријавување имот.

Илир Мета имаше високи функции во институциите на Албанија. Во периодот од ноември 1999 до февруари 2002 година беше премиер на Албанија. Од септември 2013 до април 2017 година ја извршуваше функцијата претседател на Собранието на Албанија.

Мета ја извршуваше функцијата претседател на Република Албанија во периодот од јули 2017 до 24 јули 2022 година.

Мета имаше и неколку министерски позиции во неколку влади.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın